Петровска ќе го тужи Ковачки за навреда и клевета

од Nikola Popovski
212 прегледи

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска најави тужба против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки за навреда и клевета. Ова беше обелоденето на денешната седница за пратенички прашања во Собранието.

Петровска му порача на Ковачки од говорницата дека не му се точни документите.

-За разлика од пратеникот, јас ги имам сите документи и договори последователни од првиот ден до денес кои се водат на име на тој имот. Кога ова ќе го видите, а ова ќе дојде до вас бидејќи ќе биде дел од тужбата што веќе ја спремив, а ќе ви биде поднесена за навреда и клевета, рече Петровска обраќајќи му се на пратеникот Ковачки.

Таа додаде дека има рок од три месеци за одговор.

-И ќе ви требаат уште толку за да ги анализирате сите овие официјални документи, вклучително и оваа мапа и овој имотен лист кој за разлика од лажниот документ кој вие го поднесовте, а е евиденционен лист и не е јавна исправа, туку имотниот лист е јавна исправа. Ќе ви го каже тоа адвокатот кој ќе ги го ангажирате за оваа тужба, потенцирала Петровска.

Адресата од сметката за вода што ја покажал Ковачки, тврди министерката, не соодветствува со адресата на хациендата за која ја обвинуваат.

Ковачки постави прашањe до Петровска „дали според податоците во нејзината лична карта адресата на живеење и е иста со адресата на луксузната хациенда со базенот во Радишани“.

„Имам две пратенички прашања, ова е анкетниот лист што го има доставено министерката Славјанка Петровска до ДКСК и тука нема пријавено никаков имот има пријавено само два кредити и кредитни картички. Во 2007 година парцелата која што неспорно била во сопственост на министерката Петровска гледате дека нема никаква градба. Во 2009 година на таа парцела веќе гледате дека има куќа, куќа бесправно изградена без потребната градежно техничка документација. Веднаш после тоа на лице место излегуваат лица од катастарот, прават увид и ги запишуваат согласно тие системски проверки, го запишуваат имотот на име на министерката Славјанка Петровска. Во 2012 продолжува со дивоградба на објектот и гледаме дека тука веќе е изграден базен. Во 2016 тоа е последната година кога е градена дивоградбата гледаме дека дополнително е изграден уште еден објект на местото во сопственост на почитуваната министерка. Министерката имаше и прес каде што кажа дека продала некое земјиште но со цел да ја покријат нејзината лага веднаш на помош го побараа и директорот на катастар кој што кажа дека земјиштето неспорно до 2020 е во сопственост на министерката. значи Петровска вели пред едно десеттина години го продала директорот вика до 2020 година е во нејзина сопственост а податоците од катастарот вели дека се уште е во владение на Петровска. Пред мене имам сметка за вода која што гласи на името на таткото на министерката со адреса на луксузната хациенда, дали според податоците во вашата лична карта адресата на живеење ви е иста со адресата на луксузната хациенда со базенот во Радишани“, праша Ковачки.

Пратеникот Драган Ковачки постави и второ прашање до премиерот Ковачевски.

„Второ прашање до премиерот, дали откако со вашите неконтролирани испади ја пониживте министерката за одбрана како жена а потоа и како функционер а согласно изнесените аргументации на оваа говорница планирате да доставите предлог до собранието за разрешување на министерката за одбрана“, нагласи Ковачки.

Слични содржини