ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека и по изминати 15 часа од објавата на струмичкиот градоначалник, Костадин Костадинов кон новинарот и уредник, Драган Павловиќ-Латас, СДСМ не се огласува со став. Пратеникот Бране Петрушевски вели дека градоначалникот на Струмица јавно се закани и повика на крвна освета кон новинар.
-Филипче молчи и одобрува. Костадинов упати продолжена закана по животот на новинарот, потенцирајќи дека врз него ќе биде извршена освета со тешки последици по неговиот живот. Пораката на СДС преку Костадинов има за цел да внесе траен страв кај новинарот, цитирам: ,,Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности.” Тој продолжува и вели: ,,Ова што го направи ќе го носиш како клетва. Ќе ти стои зад секоја реченица. Ќе те демне по секој агол. Ќе ти дојде кога најмалку очекуваш.” СДС и Филипче преку Костадинов имаат за цел трајно да го исплашат новинарот и кај него да внесат постојана несигурност. Овој новинар не е цел сам по себе. Ова е тактика на СДС и Филипче за заплашување на новинарите, да не смеат да бидат критички кон нив. На оваа закана не смее да се молчи. Ги повикуваме СДС јавно да се оградат и да го осудат Костадинов, во спротивно ќе докажат дека нападот врз новинарите е нивна партиска политика. Дополнително ги повикуваме медиумските здруженија да го осудат истиот. А воедно, упатуваме апел до ЈО да го повика Костадинов и да го праша дали и како планира да ја изврши осветата, за која сам пишува дека е од траен карактер, а потоа и да поведе постапка против него, истакна Петрушевски.
Според пратеникот, оваа закана не смее да помине и смета дека „аако општеството потклекне под оваа закана на Костадинов се става во траен ризик од губење на сите стандради и норми“.
Повод за реакцијата е изјава на Латас, во која, според Костадинов, бил споменат неговиот покоен татко на навредлив начин.
-Го изговори името на мојот татко со гадна уста. Сега ти нема враќање, пишува меѓу другото Костадинов, додавајќи дека со ваквиот напад Латас не удрил по него, туку „по мртов човек, по мојата крв, по основата на сè што сум“.