ВМРО-ДПМНЕ бара Јавното обвинителство да постапи по сознанија кои ги има во врска со модуларната болница, а се поврзани со одговорност на лидерот на СДСМ Венко Филипче.
-Пет дена презентираме сознанија за вистината за Модуларната болница, кои до нас дојдоа од свиркачи, а според информациите кои ние ги поседуваме истите ги поседува и ЈО. Провизии кои чинат животи е афера која до срж го открива Венко Филипче и неговата вина за пожарот во Модуларната болница, изјави на прес-конференција пред Републичкото јавно обвинителство пратеникот Бране Петрушевски.
Тој додаде дека изминатите денови како партија презентирале повеќе сознанија.
-Венко Филипче дозволил изградба на модуларни болници без огноотпорни материјали. Венко Филипче лично ја правел спецификацијата за изградба на Модуларната болница во Тетово, која надвор од закон и правила ја доставил до одговорната за набавката, а за ова постои и сведоштво од одговорното лице. Директорот на Болницата во Тетово одбивал да ја прими Модуларната болница и да се пушти во работа истата. Венко Филипче ден по несреќата кога цела Македонија тагувала, побрзал да го анексира договорот за градба со цел да се отстранат аномалиите кои сам ги дозволил, рече Петрушевски.