Петрушевски: Oставката на Фрчкоски е бегство, да се пријави во полиција и да открие кој го снабдувал

од Nikola Popovski
2,1K прегледи

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски смета дека оставката на Јон Фрчкоски од партиската функција е бегство. Во неговата објава на социјалните мрежи, додаде: „Селективната правда не е правда, нели “мали Фрчко”?

Пратеникот продолжува во пишувањето дека Фрчкоски јавно призна дека користел наркотици, но оставката не го ослободува од кривична одговорност.

-Со оглед на неговите прес-конференции против селективната правда, очекувам веднаш да се пријави во полициска станица и да ги открие сите релевантни информации: кој го вовел во овој скап порок, кој го снабдувал со кокаин и кој друг од неговото опкружување е исто така наркоман…

Како што самиот рече: „Селективната правда не е правда“ – време е да побара одговорност и за себе, без разлика што е син на поранешен министер од времето на криминалната транзиција. Законите мора да важат за сите, порача Петрушевски.

По обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека директорот на Центарот за истражување и анализи на СДСМ користел недозволени супстанци, односно како што нагласуваат од владејачката партија „шмркал кокаин“ на работното место, Фрчкоски потенцираше дека не се гордее со грешките од минатото, но истовремено соопшти дека се повлекува од функцијата во најголемата опозициска партија.

„За грешките од минатото и слабостите во младоста не се гордеам, но нема да бидат товар за СДСМ, партијата која ги разоткрива сите криминали на ДПМНЕ. Од морални причини се повлекувам од позицијата директор на Центарот за истражување и анализи на СДСМ. Фала на семејството и пријателите за поддршката во целава гнасна хајка во која ме втурнаа платениците на ДПМНЕ“, напиша членот на СДСМ.

Јон е син на екс-министерот и екс-амбасадор Љубомир Фрчкоски. Тој пред шест месеци беше избран за нов директор на партискиот Центар за истражување и анализа во СДСМ. Фрчкоски е и поранешен директор на ПУИК.

Ваквиот развој на настаните следува откако Фрчкоски пред два дена праша зошто актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски не е опфатен со истрагата за трагедијата во Кочани. Тој упати уште неколку прашања до надлежните институции.

Слични содржини