Пецаков: Плажите на Охридското Езеро не се дивоградби, ќе се издаваат под концесии

од Берта Китинска
285 прегледи

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков најави уредување на плажите на Охридското Езеро и нивно повторно издавање под концесии

Пецаков рече дека веќе имал работни средби со надлежните во Министерството за транспорт и врски од кои побарал вметнување на плажите во опфатите во урбанистичките планови, за да може да се предвиди на каков начин ќе се уредуваат и издаваат под концесија. Тој побарал од државните институции да ги заокружат сите потребни процедури во насока на изноѓање начини како плажите ќе можат да бидат издадени под концесии на јавно наддавање.

Toj  појасни дека сите објекти и урбана опрема на плажите каде изминатиот период беше интервенирано за нивно отстранување, биле изградени со проекти прифатени од Министерството за транспорт и врски, со забелешка дека тоа не се дивоградби.

– Тоа не се дивоградби, туку неспособност на Локалната самоуправа да го реши проблемот и да го утврди начинот на концесионирање и за тоа како треба да изгледаат. Не станува збор за дивоградби, туку за проекти врз основа на кои плажите беа издадени под концесии. Проблемот е во тоа што претходната локална самоуправа и централната власт од 2017 година наваму не најдоа за сходно да ги решат концесиите, рече Пецаков.

Според него, плажите ќе бидат уредувани согласно препораките на УНЕСКО, со строго утврдени одредби за уредување со исклучиво природни материјали, како и обврска за концесионерите половина од закупениот простор да биде слободен за граѓаните.

Слични содржини