Интервјуто кое британскиот принц Хари и Меган Маркл ѝ го дадоа на Опра Винфри ја шокираше планетата. Ова се петте клучни детали од интервјуто. Маестрално спроведеното интервју беше преполно со запаливи моменти до тој степен што фактот дека Меган го откри полот на нивното второ дете беше наведен попатно.
Меган сакала да се самоубие
Меган Маркл откри дека имала самоубиствени мисли во текот на целата бременост, откако медиумите ја прогонуваа со месеци, а таа не можеше ниту да ја напушти куќата.
„Едноставно, не сакав да живеам повеќе“, рече таа. „Тоа беше многу јасна и постојана мисла“.
Кога прашала еден член на кралското семејство дали може да добие медицинска помош по тој повод, ѝ било кажано дека тоа не е можно затоа што „не би било добро за институцијата“.
По венчавката Меган ги предала клучевите од автомобилот, возачката дозвола и пасошот.
„Знаете, не можете да повикате Убер и да ја напуштите палатата“, рече таа.
Во една прилика, во 2018 година, таа отишла на концерт во Ројал Алберт Хол, без знаење на Хари, бидејќи се плашела што може да си стори ако остане сама во палатата. Таа плачела во кралската ложа во текот на целиот концерт, а кога се појавиле камерите, само се насмевнала.
Двојката имала тајна венчавка
Во еден неочекуван момент за време на интервјуто, Меган откри дека пред официјалната венчавка, таа и Хари тајно се венчале, во присуство на надбискупот од Кантербери.
„Рековме: Видете, ова нешто, овој спектакл е за светот, но ние сакаме своја свеченост. Заветот што си го дадовме едни на други во собата значеше само нас двајца и Архиепископот од Кантербери во нашиот двор.
Во овој момент за време на интервјуто, на Опра и Меган им се придружи Хари во задниот двор на нивниот дом во Калифорнија.
„Навистина?“, праша Опра.
„Само ние тројцата“, рече Хари,
„Само ние тројцата“, додаде Меган.
Кралското семејство било загрижено за бојата на кожата на нивното дете
Опра беше можеби најшокирана со откритието дека членовите на кралското семејство биле загрижени за можната боја на кожата на децата на Хари и Меган, бидејќи Меган потекнува од мешан брак и има „црна крв“.
Хари учествуваше во неколку разговори на оваа тема со членови на семејството, рече Меган.
„За тоа колку ќе биде темна кожата на вашето дете?“, праша Опра.
„Потенцијално“, рече Меган. „И за тоа како тоа би можело да делува“.
Таа одби да именува било кого од другата страна на разговорот: „Мислам дека тоа ќе им нанесе голема штета“.
„Беа загрижени дека може да биде проблем ако детето е премногу кафеаво?“, инсистираше Опра.
„Не можев да разберам зошто, но ова што го зборуваш ми изгледа прилично сигурна причина“, рече Меган.
Опра го праша и Хари истото штом тој се приклучи на разговорот.
„Никогаш нема да го споделам тој разговор со другите. Беше непријатно. Бев шокиран“, рече Хари.
„Можете ли да ни кажете како гласепе прашањето?“, праша Опра Винфри.
„Не. Не сакам да го споделам тоа“, рече Хари.
Хари додаде дека прашањето за изгледот на идните деца било поставено уште пред венчавката.
Меган и Хари го открија полот на нивното второ дете
Пред нешто повеќе од еден месец, принцот Хари и Меган открија дека очекуваат уште едно дете, а веста ја објавија на годишнината од објавата дека принцезата Дајана е бремена со Хари.
Во интервју за Опра Винфри тие открија дека второто дете ќе биде девојче и дека терминот за пораѓај е на лето.
Нивното прво дете, Арчи, се роди во мај 2019 година.
Чарлс не одговара на телефонските повици на Хари
За време на интервјуто, Хари откри и дека неговиот татко, принцот Чарлс, не одговарал на неговите телефонски повици. Додека тој и Меган разговарале за условите под кои нивниот син ќе добие кралски статус, неговиот татко започнал да ги одбива неговите повици.
За време на сите напади врз Хари и Меган, Чарлс никогаш не ги бранеше синот и неговата сопруга.
Хари денес вели дека има впечаток дека Чарлс и братот на Хари, Вилијам, се всушност затвореници на кралското семејство и дека му е жал за нив.