Претседателот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети, ја претстави новата платформа и петте клучни ветувања, што од партијата ги нарекуваат 5 завети, до кои кандидатите за градоначалници ќе се придржуваат.
– Се договоривме сите кандидати да се придржуваме на зелената агенда за да го подобриме квалитетот на живеењето. Зеленото подразбира чисти општини без отпадоци по улиците и населбите. Зеленото значи чиста вода за пиење во сите општини. Зеленото значи чист воздух за нас и за нашите деца. Зеленото, драги пријатели, е живот. Но истовремено подразбира и модерна патна инфраструктура, чиста и евтина енергија за сите граѓани создавајќи одржливи работни места за поттик на нашата економија – рече Ахмети.
Петте точки до кои кандидатите за градоначалници ќе треба да се придржуваат, како што посочи Ахмети се: зелената агенда; дигиталната агенда; агендата на отворена вратa; aгендата на вклучување на граѓаните и агенда нула – што подразбира нула отпад, нула злоупотреба, нула лошо менаџирање, нула корупција, нула кучиња скитници, нула недостаток на паркинг, нула градби без дозволи, нула негрижа за граѓаните.