Во Белград денеска се одржува петтиот протест „Србија против насилството“. Учесниците на протестот се собираат пред Собранието на Србија од 18 часот.
Сообраќајот по околните улици е прекинат, јавува Танјуг, а денешниот протест се одржува точно еден месец по трагедијата во основното училиште „Владислав Рибникар“ во која загинаа девет ученици и еден чувар.
Како што е најавено, протестниот марш ќе започне од Собранието на Србија, а ќе заврши околу Претседателството на Србија, каде што овој пат планот е да се направи обрач, за насобраните да му испратат пораки на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Барањата на протестот се итно разрешувањее на српскиот министер за полиција, директорот на БИА и членовите на Советот на регулаторното тело за електронски медиуми, како и укинување на националните фреквенции за телевизиите кои промовираат насилство.
Се бара и смена на раководството на РТС, но и повлекување на националната фреквенција на ТВ Пинк и Хепи.
Првиот протест „Србија против насилството“ се одржа на 8 мај, а на 12 мај граѓаните два часа го блокираа мостот Газела на вториот протест.
Третиот протест се одржа на 19 мај, кога беа блокирани Газела и Бранковиот мост. Четвртиот протест се одржа минатата сабота на 27 мај, а учесниците по прошетката формираа обрач околу зградата на РТС.