Пијанистката Мимоза Ќека лауреат на фестивалот „Акордеон Арт плус’’ во Сараево

од Vladimir Zorba
98 прегледи

Пијанистката Мимоза Ќека ја освои првата награда на Меѓународниот натпревар на пијанисти ,,Акордеон Арт плус’’ во Сараево, Босна и Херцеговина.

Таа е лауреат во осмата категорија по пијано на фестивалот во чии рамки се одржаа 9. Интернационален фестивал по хармоника и Првиот меѓународен натпревар на пијанисти од 15 до 18 мај.

На фестивалот учествуваа повеќе од 350 музичари како и професори – предавачи од Германија, Франција, Србија, Хрватска, Русија, Швајцарија, Италија, Украина, Македонија, Словенија, Словачка, Босна и Херцеговина.

Мимоза Ќека (1994) започнува да учи пијано на петгодишна возраст. Основното и средното музичко образование завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј’’, а 2015 година дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на одделот по пијано, во класата на проф. м-р Тодор Светиев. Член е на Сојузот на музички уметници на Македонија. Во 2017 година магистрира на одделот по музичка интерпретација – пијано под менторство на маестро Лилија Зилберштајн.

Настапува со соло – рецитали на музички настани, натпревари и фестивали во земјата, но и во странство./МИА