Голманот на Англија, Џордан Пикфорд, изјави дека сите во тимот му даваат поддршка на менаџерот Герет Саутгејт, кој е на удар на критики за пасивниот настап на неговата екипа во првите два натпревари на Евро 2024 година.
Англија започна со победа од 1-0 над Србија и нерешено 1-1 со Данска, но во ниту еден натпревар не ја оправда репутацијата како фаворит за титулата. Во вторник „трите лава“ се среќаваат со Словенија во последниот натпревар по групи.
„Сите сме зад менаџерот. Сè што правиме на тренинзите и она што ни го објаснува ни го дава вистинскиот план за игра. Против Данска не бевме совршени, но знаеме дека има уште многу да се подобриме. Исто така, свесни сме дека со секој следниот натпревар ќе играме се подобро и подобро, така што четирите бода од првите два натпревари не се воопшто мали“, изјави Пикфорд.
„Атмосферата во тимот е мирна. Овде е турнирски фудбал, па мора да уживате во она што се случува додека сте тука. Имаме четири бода, први сме во групата, така што сме мирни. Можевме да играме подобро, но никој не не победил досега. На последните два турнири што ги игравме, имавме по четири бода по првите два натпревари, така што знаеме на која позиција се наоѓаме. Знаеме дека треба да играме подобро против Словенија, но нема причина за паника“, додаде голманот на Евертон.
„Нашиот став е секогаш да ги добиваме нашите игри. Тоа не е можно секој пат, така што кога не можеме да победиме, гледаме да не губиме. Во 2016 година, Португалија ремизираше на сите натпревари во групата и сепак го освои турнирот. Менаџерот секогаш ни кажува дека во фудбалот имаш добри и лоши денови. Во моментов се справуваме со притисокот на натпреварите“, заклучи Пикфорд.