Пикот е пред нас, вакцинација со „АстраЗенека“ ќе почне в среда

од Берта Китинска
702 прегледи

Утре пристигнуваат 24 илјади вакцини од „АстраЗенека“. Според најавите на министерот за здравство Венко Филипче имунизацијата ќе започне во среда.

– Спремни сме тој процес да се спроведе брзо и ефикасно во салата „Борис Трајковски“. Во понеделник вакцините ќе бидат распределени во градовите. Сето она што очекувавме да се случи порано еве се случи во април. Оптимумот е да вакцинираме 4.000, а мислим дека може да стигнеме до 7.000 граѓани на ден, на сите пунктови, во центрите за јавно здравје, во салата „Борис Трајковски“, слично како во Србија и Израел за да постигнеме задоволителна динамика, истакна министерот Филипче.

Следната недела ќе биде критична, но нови рестрикции за сега нема. Според министерот за здравство Филипче, дополнителните мерки нема да дадат резултат, а веќе од утре стигаат првите вакцини, по што ќе започне масовната имунизација.

Наместо во Македонија, голем број наши граѓани имунизација викендов ја започна во Србија.

Како што соопшти градоначалникот на Белград, Горан Весиќ на Белградскиот саем денеска се вакцинирани 6.446 граѓани, меѓу кои и странци.

Ако сакате да се вакцинирате може да аплцирате преку сајтот https://vakcinacija.mk/, додека има можност и за пријава преку матичните лекари за постари од 65 години.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 126.230, бројката на оздравени пациенти е 104.345, на починати е 3.642, а бројот на активни случаи изнесува 18.243.

Слични содржини