Белоруски патнички авион на летот од Минск до Барселона го сменил правецот среде летот, според податоците на „Flightradar24“, пренесе „Индекс.хр“.
Според пишувањето на тој портал, полската контрола на летот претходно ги известила пилотите на белорускиот авион дека можеби нема да можат да влезат во францускиот воздушен простор.
Лидерите на Европската унија им наредија на официјалните лица да воведат нови санкции кон Белорусија и да најдат начин да им забранат на белоруските авиокомпании да летаат во воздушниот простор на ЕУ, откако белорускиот претседател Александар Лукашенко насилно го приземји авионот на „Рајанер“ во Минск, кој леташе на релација Атина-Вилнус, по што беше уапсен еден опозициски новинар и блогер.
Летот 2869 на белоруската државна авиокомпанија „Белавија“ од Минск требаше да слета во Барселона попладне. Сепак, на белоруската авиокомпанија сега ѝ е забрането да лета во воздушниот простор на Франција, Велика Британија, Шведска …
„Тој пилот доби информација од нас дека францускиот воздушен простор е блокиран и дека може да има проблем да влезе“, рече Павел Лукасиевиќ, портпарол на полската агенција за воздушен сообраќај (ПАНСА).