Пинк Флојд го продаде својот музички каталог за речиси 400 милиони долари

од Vladimir Zorba
24 прегледи

Британскиот рок бенд Пинк Флојд постигна договор со „Sony“ да го продаде својот музички каталог за речиси 400 милиони долари.

Легендарната група се согласи да ги продаде правата на својот музички каталог, име и бренд, но не и правата на песните.

На ова му претходеа неколкугодишни расправии околу деталите за продажбата меѓу преживеаните членови на бендот, пренесe Гардијан.

Во 2022 година, „Variety“ објави дека Пинк Флојд планира да ги продаде своите плочи и други средства во вредност до 500 милиони долари.

Сепак, според весникот, потенцијалните купувачи го одложиле купувањето по интервјуто на басистот и основач на бендот, Роџер Вотерс за списанието „Ролинг Стоун“ во 2022 година, во кое тој дал контроверзни изјави за Израел, Украина, Русија и САД.

Меѓу другото, Вотерс рече дека не е точно оти руската инвазија на Украина во 2022 година е „неиспровоцирана“. Русија го покани Вотерс да се обрати пред Советот за безбедност на ОН на почетокот на 2023 година, каде што тој го повтори тврдењето.

Подоцна истата година, Вотерс беше под истрага од берлинската полиција затоа што носеше униформа во нацистички стил на концерт таму. Истата година, тој победи во правна битка и му беше дозволено да одржи концерт во Франкфурт, откако градот се обиде да го откаже настанот, нарекувајќи го Вотерс „еден од најпознатите антисемитисти во светот“.

Забележано е дека музичкиот каталог на Пинк Флојд е еден од највредните во модерната музика. Меѓу најпознатите албуми на бендот се The Wall, Dark Side of the Moon, Wish You Were Here, Animals и други.

Слични содржини