Роџер Вотерс нема да настапи во Полска, причина се неговите коментари за Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Концертите на Роџер Вотерс, еден од основачите на популарниот бенд Пинк Флојд, се откажани во Полска, а причината, се претпоставува, се неговите „контроверзни ставови за Украина“.

Вотерс требаше да настапи во Краков следниот април.

Меѓутоа, славниот музичар привлече големо внимание поради писмото што Вотерс на почетокот на септември ѝ го напиша на сопругата на украинскиот претседател, Олена Зеленска.

Во писмото, меѓу другото, наведува дека „екстремните националисти ја воделе Украина во катастрофална војна“.

Вотерс (79) исто така го критикуваше Западот за снабдување на Украина со оружје, што предизвика жестока реакција.

Неговите ставови не се популарни во Полска, каде што од почетокот на конфликтот побегнаа голем број Украинци.

Првично, локалните медиуми денеска објавија дека основачот на Пинк Флојд ги откажал своите настапи во Краков поради полскиот гнев поради неговите ставови за војната во Украина и неговите критики кон лидерите на земјата. Директорот на салата во која е планиран концертот, Лукас Питко, изјави дека менаџерот на Вотерс одлучил да ги откаже концертите „без да наведе причина“.

Меѓутоа, Вотерс подоцна објави на Фејсбук дека „заклучоците дека тој или неговите менаџери ги откажале претстојните настапи се погрешни“.

„Не откажавме“, истакна Вотерс, тврдејќи дека градските татковци на Краков се заканиле дека ќе одржат седница на која ќе го прогласат за персона нон грата, поради „моите напори да ги охрабрам сите учесници во катастрофалната војна во Украина, посебно властите на САД и Русија, да се постигне мирно решение“.

Слични содржини