Пиромани сакале да запалат шума на Осоговски планини: Пронајдени гуми, гранки и запалив материјал

од Nikola Popovski
9 прегледи

Дирекцијата за заштита и спасување информира дека синоќа се одржал координативен состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување на Општина Радовиш во општинската зграда, со присуство на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Притоа биле планирани денешни, противпожарни активности за гаснење на повеќедневниот шумски пожар на планината Готен, локациски високо кај напуштеното планинско село Кушкулија, што ќе започнат во 05.00 часот.

-Планирано е да се дејствува со два булдожера, пет пинцгауери со комплетен екипаж, 20 војници на АРМ, две екипи со две специјални возила од ТППЕ Радовиш и 10 пожарникари, ловци од Ловно риболовно друштво ,,Готен” од Радовиш и со доброволци. Општинските сили на Радовиш ќе се грижат за комплетната логистика за полнење на возилата со вода со тоа што ќе инсталираат, а и за храна и пијалоци за ангажираните сили. Со екипите од Струмица и Берово, се ангажирани околу 200 луѓе кои ќе гасат од копно помогнати од двата противпожарни авиони „ер трактор“, информираат од ДЗС.

Од ДЗС исто така истакнуваат дека благодарение на навремената интервенција на шумочуварите, спречен е уште еден обид за подметнување шумски пожар во тешко пристапен дел од Осоговските Планини. Во месноста Алтн Врв, на над 2000 метри надморска височина, биле пронајдени гуми, суви гранки и запалив материјал – сè внимателно подготвено за потпалување.

-Пронајдени се и отстранети повеќе од триесетина на куп нафрлани автомобилски гуми, картон за потпалување, внатрешни гуми како и суви борови стебла и гранки подготвени за палење и предизвикување пожар на отворен простор кој доколку не беше спречен набргу потоа би се проширил во блиската шума, додаваат од ДЗС.

-Апелираме до сите граѓани, доколку забележат сомнително однесување кое укажува на намера за предизвикање пожар надвор од населено место како што се гуми, даски, дрвени палети, пластични шишиња или туби со течност која наликува на бензин, итно да се јават на бројот 112 или да пријават во најблиската полициска станица или на било кој припадник на полицијата или друга безбедносна служба, извести Ангелов.

Слични содржини