Писмо од интелектуалци до Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј

од Vladimir Zorba
313 прегледи

Поголема група интелектуалци упатија отворено писмо до Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј во знак на благодарност за прифаќање во канонско единство на Охридската архиепископија.

Писмото ви го пренесуваме во целост:

Ваша Сесветост, сепочитуван Татко на Православните и Вселенски Патријарх Г. Г. Вартоломеј,

Ние, долу потпишаните граѓани, општествени, научни, просветни, здравствени, културни работници од повеќе сфери на општеството во Република Северна Македонија, со нескриена радост ја поздравуваме и силно Ви благодариме Вам и на членовите од Вашиот Свет Синод за Вашата историска одлука од 9 мај 2022 година. Според неа нашата возљубена Црква, нејзината свештена јерархија, клирот и народот, повеќе не се во шизма и раскол и во меѓународна изолација, туку во канонско и литургиско општење со Првопрестолната Мајка Црква, Вселенската Патријаршија, а преку неа и со сите останати помесни православни цркви. Истовремено, границите на црковната власт на нашиот Архиепископ, Неговото Блаженство г. г. Стефан и на нашиот Свет Синод се најпосле омеѓени и загарантирани, за што ние сме особено среќни.

Со Вашата одлука се поплочува патот до зацврстување на добрите односи и знаците на заемно братољубие меѓу црковните достоинственици,  свештенството и верниците од  сите помесни цркви, како резултат на отстранувањето на расколот.

Оваа одлука Ве преставува Вас како вистински Татко кој се бори за доброто на сите Православни и Архипастир кој се грижи за добриот поредок и успевањето на едната, света, соборна и апостолска Црква.

Како просветлен Првојерарх на Великата Христова Црква, Вие храбро и трпеливо го понесовте крстот да бидете, според зборовите на Господ Исус Христос, „прв во служење на другите“ (Сп. Мк. 9, 35) и достојно одговоривте на својот историски призив. На тој начин се уподобивте на своите славни претходници, големите патријарси на Константинополскиот престол.

Ви благодариме особено и заради тоа што на нашата Црква ѝ го признавате легитимитетот како на духовна и преемствена наследница на древната и историска Охридска Архиепископија. За неа слободно може да се каже дека е срцето со кое пулсира духот на нашиот православен македонски народ и сите други граѓани кои се црквуваат во неа.

За нејзиното возобновување се бореле поколенија и поколенија наши духовни и општествени дејци. Патем, како што некогаш древната Охридска Архиепископија била во силна духовна врска со Константинопол, така денес, со Вашето признавање, воскреснува и таа заемна врска со сечесниот Центар на Православието.

Примањето на Охридската Архиепископија во канонско единство е чин со кој Вие изградивте одбранбен ѕид против агресивната политика за духовна колонизација на Балканот, спротивна на црковните канони и традициите на Православието.

Ваша Сесветост, Вие се покажавте достоен сомолитвеник на Синот и Словото Божјо, кој во Својата првосвештеничка молитва во Гетсиманија, Го молеше Бога Отецот, „да бидат сите едно“ (Јн. 17, 21). Ние веруваме во Вашата мудрост и просветление, како и во мудроста и просветлението на нашиот почитуван и свет Архиепископ г. г. Стефан и на нашите свети архиереи и се надеваме дека наскоро ќе дојде до историското сослужение на Вселенскиот Патријарх со Охридскиот Архиепископ г. г. Стефан. Потем, со Господ напред, го очекуваме и конечното решавање на административниот статус на нашата Црква, а тоа е доделување на Томос за автокефалност од Ваша страна, бидејќи единствено Вселенскиот Патријарх има историско и канонско право да доделува автокефалност. Со тоа практично ќе се потврди црковниот суверенитет, како државотворност на нашата татковина и на верниот македонски народ и на сите граѓани во неа.

Ви благодариме и Ви целиваме света десница!

Скопје 14.05.2022 година

Проф. д-р Марјан Ѓуровски с.р.
Проректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола

Академик проф. д-р Вера Битракова Грозданова с.р.
Македонска академија на науките и уметностите

Проф. д-р Методи Чепреганов с.р.
редовен професор во пензија, Медицински факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Проф. д-р Цане Мојаноски с.р.
редовен професор во пензија, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, поранешен Претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи

Академик Газанфер Бајрам с.р.
Потпретседател на Македонската академија на науките и уметностите

 

Проф. д-р Зоран Матевски с.р.
Филозофски факултет, Институт за социологија, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје

Генерал Мирослав Стојановски с.р.
генерал потполковник во пензија, поранешен началник на Генералштабот на АРСМ

Проф. д-р Татјана Стојановска Иванова с.р.
Филозофски факултет, Институт за социологија, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје

Проф. д-р Драган Зајковски с.р.
црковен историчар и медиевист, Институт за национална историја – Скопје

Проф. д-р Борче Илиевски с.р.
црковен историчар, Институт за национална историја – Скопје

Проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ с.р.
славист, редовен професор во пензија, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје

Проф. д-р Аспазија Софијанова с.р.
Медицински факултет, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје

Проф. д-р Ацо Гирески с.р.
редовен професор во пензија, поранешен Декан на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Проф. Д-р Милица Миркуловска с.р.
Филолошки факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил  и Методиј“ – Скопје

Проф. д-р Валериј Софрониевски с.р. Филозофски факултет, Институт за класични студии, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Проф. д-р Људмил Спасов с.р.
Филолошки факултет „Блаже Конески“,  Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје

Проф. м-р Весна Ѓиновска Илкова с.р.
Факултет за музички уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Проф. д-р Крсте Најденкоски с.р.
ФЕИТ, Универзитет „Св. Кирил  и Методиј“ – Скопје

Проф. д-р Веле Смилевски с.р.
поет, есеист, литературен критичар и научен работник

Проф. д-р Емилија Црвенковска с.р.
Филолошки факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје

Проф. д-р Апостол Трпески с.р.
Факултет за драмски уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Раде Силјан с.р.
поет, писател, литературен критичар

Бранко Ѓорѓески с.р.
новинар

М-р Влатко Деловски с.р.
етнолог и културолог

М-р Душан Пецаковски с.р.
бизнис сектор

М-р Илија Ико Каров с.р.
режисер и писател

Благој Веселинов с.р.
актер

Петар Костовски с.р.
актер

 

Слични содржини