Питомци и офицери завршиле на Инфективна, се пожалиле на мачнина со повраќање

од Nikola Popovski
19 прегледи

Министерството за здравство информира дека вчера во раните утрински часови дваесет питомци и двајца офицери на Центарот за обука на питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се пожалиле на мачнина проследена со повраќање.

Имено, како што информираат од Министерството, најпрво тројца питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање по што итно биле пренесени на Инфективната клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

По прегледот од страна на дежурниот доктор двајца питомци биле вратени назад во единица без конкретна дијагноза, а еден питомец е хоспитализиран и кој се очекува во текот на денешниот ден да биде вратен во единица.

– Подоцна уште седумнаесет питомци и двајца офицери се пожалиле со истите симптоми, по што сите биле однесени на инфективната клиника, каде биле третирани од страна на медицинскиот персонал и откако им била констатирана стабилна состојба биле пуштени назад во единицата, соопштуваат од Министерството.

По добиената информација од страна на министерството веднаш е побарано Воено медицинскиот центар заедно со инспекторите од Центарот за Јавно здравје и од Агенцијата за храна и ветерина да истражат на што се должи овој случај.

Во текот на вчерашниот ден е направен вонреден хигиенски епидемиолошки надзор од страна на екипи од Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Агенцијата за храна во касарната „Гоце Делчев“ каде се наоѓа Воената академија, и од страна на Воено медицинскиот центар во касарната „Боро Менков“ во Куманово, каде исто така 4 лица се пожалиле на стомачни тегоби, при што се земени контролни примероци за испитување. Целта на овие вонредни надзори е намалат или целосно да се отстранат сите ризици кои може да се одразат по здравјето на луѓето.

По добиените резултати од испитувањата кои ги очекуваме во текот на денешниот ден, ќе се преземат натамошни чекори согласно препораките на надлежните институции.

Слични содржини