Премиерот Димитар Ковачевски најави дека Северна Македонија следната година ќе го исполни стандардот на НАТО и ќе достигне распределба на два отсто од бруто домашниот производ (БДП) за одбраната. „Среднорочната проекција на буџетот предвидува дека во 2024 година трошоците за одбрана ќе бидат два отсто од БДП. Така ќе биде и следната година“, рече Ковачевски на прес-конференција по дводневниот самит на НАТО во Вилнус. Ковачевски нагласи дека на среден рок се планира да се издвојат 304 милиони евра за одбрана во 2024 година. Нашата земја во моментов издвојува 1,85 отсто од БДП за одбрана, односно, како што прецизираше, вкупно 274 милиони евра. „Од постоечкиот буџет издвојуваме 30 до 33 проценти за модернизација на армијата, за набавка на нова опрема што се набавува исклучиво од САД, Франција, Германија и дел од Турција, членка на НАТО, која е најмодерна и најсофистицирана. Тука е и реконструкцијата на армиската инфраструктура“, кажа премиерот.
Дали државата ќе успее со буџетот за 2024 година да се позиционира со 2% од БДП да се издвојуваат за одбраната и од што зависи тој процент, „Локално“ поразговара со Владимир Пивоваров, националниот координатор на Владата за гранично управување и поранешен шеф на военото разузнавање. Како што информира, процентот на средства кои треба да се наменат за модернизација на одбраната односно армијата зависи од геополитичката определба на една земја, финансиските можности на истата, членството во одредени воени сојузи ( пр. како што ние сме членка на НАТО ) и многу други фактори.
-Пред да се одреди процентот од БДП кој треба да се оддели од буџетот, кај нас е проектиран на 2% врз основа на направени анализи на сите фактори и е оценет како оптимален во овој момент. Секако дека нашата безбедност е колективна општествена потреба кој чини финансиски средства кои се одделуваат од буџетот односно таа чини пари, ни рече Пивоваров.
Според него, одделување на 2% од БДП за модернизирање на армијата во овој момент е оптимално, но со порастот на буџетот, реално и суштествено, потребно би било овој процент да се зголеми бидејќи , како што вели, сега сме членка на најглемиот воен сојуз што значи дека освен домашните задачи должни сме да ги исполниме и задачите кои ќе ни бидат доделени од страна на овој сојуз во меѓународни рамки пред се мислам на мисиите кои ги предвидува НАТО.
-Модернизацијата на нашата армија во континуитет се остварува од независноста на нашата држава кога и не бевме членка на НАТО односно во периодот кога имавме кандидатски статус. Со нашето полноправно членство НАТО пред се се зголемува нашаето учество во воените меѓународни мировни мисии. Континуитетот на обновување на потребни воени средства од ден на ден е се поголемо. Мора да сме реaлни во дискурсот на реалното и можното со желбите и невозможното, потенцира Пивоваров.
Соговорникот смета дека секогаш подобрувањето мора да се гледа низ два сегменти кои имаат нераскинлива врска, а тоа е финансиска мотивација на припадниците на АРМ и современи средства со кои треба да ракува при извршување на нивните мисии.
Кога зборуваме за личните доходи на војниците и старешините припадници на земјите членки на НАТО, Пивоваров ни укажа дека таа е различна зависно од која земја доаѓаат војниците, а тоа е зависно од материјалната состојба односно нивниот БДП.
-Нормално е побогатите земји на своите војници да им овозможуваат поголем личен доход. Меѓутоа тоа е материјалното. Професионално нашите војници барем од она што го имам видено при изведување на воените вежи заедно со нашите партнери во НАТО, нашата војска покажа дека ниту за милиметар не отстапува во извршувањето на задачите кои им беа зададени. Тие покажаа голема професионалнос и исполнителност за што сведочат само пофални зборови од нашите НАТО партнери, заклучува националниот координатор за гранично управување.
Договорот за нова цел за воени трошоци беше едно од отворените прашања пред дводневниот самит на НАТО во вторник и среда во главниот град на Литванија. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг имаше намера сегашната воена цел на НАТО од 2 отсто од националниот БДП да ја направи минимален услов наместо цел кон која треба да се стремиме. Целта беше поставена во 2014 година, кога лидерите на НАТО се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана на 2 отсто од БДП во рок од една деценија. На дното се Канада, Словенија, Турција, Шпанија, Белгија и Луксембург, чии трошоци за одбрана беа под 1,4 отсто од БДП.
Н.П.