Пивоваров: Доста му е од војни на Балканот, неговата иднина е да прерасне во оаза на мирот

од Nikola Popovski
577 прегледи

За да дојде до ширење на војната надвор од сегашните граници на истата, потребно е да бидат исполнети многу предуслови. Несериозно е да се прават паралели помеѓу оваа војнa во Украина и Балканот пред се од геостратешки причини. Но секако будно треба да се следат сите збиднувања бидејќи лесно и брзо може да дојде до ескалација, вели во разговор за „Локално“ националниот координатор на Владата за гранично управување, Владимир Пивоваров во однос на можноста од излевање на тензиите на Косово.

Тој потенцира дека секое погазување на меѓународното право со употреба на сила, глобално ја нарушува безбедноста во целиот свет затоа што секоја земја која постапува спротивно на меѓународното право се повикува на претходен случај од светската практика на примена на сила.

-Секоја од завојуваните страни и агресорот и онаа земја која се брани, презентираат свои ставови за да ја оправдаат својата позиција. Токму тоа е она што го нарушува меѓународното право, а кога ќе се наруши истото во светот почнува да владее правото на џунглата односно се создава хаос. Секоја војна завршува со преговори на зелена маса и на крај се поставува прашањето зошто пред да почне војна спорните прашања да се решат по дипломатски пат без да има жртви без да има разрушувања. Па нели сите сме цивилизирани суштества, наведува Пивоваров.

Владиниот координатор смета дека изразот „Балканот ќе стане буре барут“ е веќе минато.

-Сведоци сме на многу иницијативи кои го зборуваат токму спротивното на пр. „Отворен Балкан“, заеднички гранични премини, заеднички гранични патроли, зголемена трговска размена, но сепак малкуте хушкачи на војната се обидуваат преку своите ставови да го креираат јавното мислење. Пред се тука се нашите меѓународни пријатели кои такво нешто не би дозволиле. Доста му е од војни на Балканот, а неговата иднина е да прерасне во оаза на мирот, оценува Пивоваров.

Околу дојавите за поставени бомби кај нас и во регионот гледано од тајмингот на оваа појава, соговорникот потенцира дека секогаш се случуваат во време на некој важен политички момент.

-За да имаме точен одговор на оваа прашање потребно е да оставиме време и простор на безбедносните служби да си ја завршат истрагата. Секако ова е хибридна војна како составен дел од тероризмот бидејќи имаа иста заедничка цел а тоа е создавање на чувство на несигурност кај самите граѓани како и чувство на недоверба кон институциите, порачува тој.

Големите сили од памти век до денес па и во иднина, вели Пивоваров, ќе имаат интерес на пенетрирање на свое влијание ширум светот па и кај нас.

-Тоа влијание тие го остваруваат на секој можен легален начин кое им го дозволува Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 год па се до илегални начини на различни дејствија се со цел да го остварат својот интерес. Често на ова прашање пред се се мисли на разузнавачка активност што во практика не е така. Новите форми на дејствување се различни а најзастапена е формата преку економско и политичко влијание. Секое вакво влијание кое е спротивно на интересите на нашата држава ја нарушува безбедноста во помала или поголема мерка. Впрочем тоа и се чувствува преку крајниот продукт кој го очекувала земјата која го врши истото. Потребно е да ги следите само мас медиумите за да секој од нас си донесе заклучок. Ние сме мала земја и секогаш треба да ги браниме нашите интереси, дециден е националниот координатор.

За заканите со бомби, Пивоваров вели дека зависно од видот на заканата доколку е во сфера на безбедноста на државата такви мерки треба и да превземат безбедносните служби.

-На пример ако се работи за сајбер тероризам, службите треба соодветно да одговорат на оваа закана конкретно изнаоѓање на заштитни механизми да се оневозможи на напаѓачите да можат да навлезат во нашите бази на податоци но и со брзо откривање на адресата на напаѓачот, укажува владиниот координатор.

Пивоваров коментира и околу влијанието на Москва во одредени македонски партии.

-Дали има партии во нашата земја кои се под руско влијание секој од нас сам може да заклучи од јавните настапи на истите. Сепак дали тоа влијание е од идеолошки причини или пак од економски побуди на поединци е работа на безбедносните служби, а нормално тие се дел од специјалната војна, заклучува соговорникот.

Н.П.

Слични содржини