Пивоваров: Изјавите за вмешаност на домашни и странски центри на моќ во пожарот во Трубарево влеваат страв кај граѓаните, а најлесно се манипулира со маса на луѓе кај која е влеан страв

Дали има вмешаност на надворешни центри на моќ? Пивоваров за „Локално“: Ние сме земја полноправна членка на НАТО, па по логика на нештата доколку има хибриден напад, ќе имаме голема помош и поддршка од земјите-членки

од Nikola Popovski
287 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

За причините за пожарот во Трубарево, одговорот треба да го даде истрагата. Колку е подолг временскиот период до добивањето на одговорот толку повеќе ќе слушаме верзии а впрочем некои веќе и ги слушаме. Секако доколку има вмешаност на домашни и странски центри на моќ тоа е пресериозно за што треба да се даде одговор како ќе се справиме со истите. Ваквите изјави влеваат страв кај граѓаните а најлесно се манипулира со маса на луѓе кај која е влеан страв, вели во разговор за „Локално“, Владимир Пивоваров, поранешен универзитетски професор по безбедност  и екс-шеф на македонското разузнавање по обвинувањата на премиерот Христијан Мицкоски дека позади пожарите, особено последниот во магацините во Трубарево, стојат центри на моќ од внатре и надвор од државата.

Затоа час поскоро, додава Пивоваров, треба да ѝ се соопштат на јавноста, поконкретни податоци кои би ги поткрепиле изјавите за хибриден напад од домашни и странски центри на моќ.

-Во спротивно ваквите изјави би имале само манипулативна цел за да се прикрие неспособноста односно нефункционирањето на институциите. Мислам дека за кусо време ќе имаме одговор дали се работи за растурање на пердуви или за сериозна закана. Впрочем, ние сме земја полноправна членка на НАТО, па по логика на нештата доколку има хибриден напад на нашата земја ќе имаме голема помош и подршка од земјите членки на НАТО. Доклку има и најмала вистина во ваквите изјави, во сериозна држава под итно претседателот на државата ќе го свика прво советот за безбедност да расправа за вакво сериозно прашање, истакнува Пивоваров.

Соговорникот оценува дека откако премиерот ја отвори приказната за недобронамерници на нашата земја затоа, тој треба и да обелодени кои се тие, која им е намерата и која им целта.

-Меѓутоа нелогично е пред да се даде ваква изјава, нашите безбедносни служби требале да превенираат да не дојде до ваков немил настан. Впрочем нивна основна цел и задача им е да превенираат. Во конкретнава ситуација ја имаме само страшната еколошка ситуација, додава поранешниот шеф на военото разузнавање.

Според него, секогаш, кога има вакви и слични тешки кривично правни настани, редовно вината се префрла не некој друг, а тоа укажува дека се прикриваат сопствените слабости за кои причина е таа пуста партизација на институциите каде кадарот е некредибилен, неук и една светлосна година далеку од професионализмот.

-Најлесно е да се упатуваат закани но истите треба да бидат поткрепени со со аргументи и факти, во спротивно се работи само за сеење магла, потенцира Пивоваров.

Екс-националниот координатор за гранично управување истакнува дека главен проблем кај нас денеска е што никогаш не ја научивме лекцијата дека треба да не ни се повторуваат грешките кој водат кон катастрофални последици. Посочува дека ни се случи трагедијата во Кочани, а утредента надлежните инспекциски служби почнаа да ги проверуваат сите легални и нелегални дискотеки.

-Зошто тоа не го сторија во претходниот временски период. Деновиве ни се случија катастрофални пожари и слушаме дека институциите деновиве ќе направат контрола над дивите и легалните депонии. А што работеа досега тие институции. Најнормално е институциите кои имаат свои одели за изготвување на анализа на ризик да изготвуваат аналитички извештаи врз основа на кои превентивно ќе се превземат конкретни мерки со што нема да ни се случуваат вакви немили настани со несогледливи последици, заклучува Пивоваров.

Синоќа во изјава, министерот Панче Тошковски образложи дека, и покрај сомнежите поради временската згуснатост на настаните, „засега не може да се докаже поврзаност или организација“ зад пожарите. Го наведе списокот на критични точки во неколку дена – „Дрисла“, „Вардариште“, депонијата во Шуто Оризари и рециклаторскиот објект во Трубарево – како „ужасно сомнителни“ поради тоа што „гореа пет-шест многу ризични точки“ без територијална врска. „Нема совршено злосторство, да знаете. Има само несовршена истрага“, рече тој, нагласувајќи дека доколку имало докази за организирана шема, би следеле конкретни дејствија кон организирани групи.