На сите ни е во интерес да имаме навремени и точни информации, без шпекулации. Често, кога има масовни собири, и кај нас и во странство, се шпекулира со многу поголеми бројки од реалните. Во вакви ситуации, дронот е единственото техничко средство што може да даде вистинска слика за тоа колку луѓе на квадратен метар се наоѓаат на местото – тоа е реалната проценка, изјави за „Локално“ универзитетскиот професор Владимир Пивоваров.
Тој додава дека е за очекување секоја власт да се плаши од голем број незадоволни граѓани и да има тенденција да ги минимизира бројките, но дронот, според Пивоваров, останува непристрасен извор на податоци. Според него, дронот може да им овозможи на безбедносните служби целосен преглед на настаните во случај на можна ескалација. Професорот потенцира дека, независно од тоа кој е на власт, јавноста има право на вистински и точни информации за случувањата на терен.
„На сите ни е во интерес да имаме точни, навремени и вистинити информации, без шпекулации. Гледаме дека при масовни собири, и кај нас и во странство – како што е примерот со Србија – често се шпекулира со значително поголеми бројки од реалните. Во овој случај, дронот е единственото средство што може објективно да прикаже колку луѓе се наоѓаат на одреден простор, односно да даде реална проценка на бројот на присутните. Нормално е дека секоја власт се плаши од голем број незадоволни граѓани и во такви ситуации има тенденција да ги минимизира бројките, но дронот останува најпрецизното техничко средство што во моментот овозможува вистинска и реална слика за случувањата на терен. Освен што покажува колку луѓе се присутни на местото на настанот, дронот е корисен и во ситуации кога може да дојде до немили инциденти во голема маса. Сликите и видеата добиени од дроновите можат да им бидат од корист на полицијата и правосудните органи.Не гледам ништо проблематично во тоа што дроновите можат да снимаат во секое време, се разбира, со почитување на законските прописи, вклучително и висината на летање и мерките за безбедност, со цел да не се предизвика никаква штета. Што се однесува до информирањето, апсолутно е неопходно да се дозволи ваква практика, без разлика кој е на власт – граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината“ изјави Пивоваров.
Пивоваров нагласува дека пред секој најавен протест, Министерството за внатрешни работи врши проценка на ситуацијата, земајќи ги предвид категоријата на луѓе што ќе протестираат, очекуваниот број на учесници и можноста за потенцијални инциденти и врз основа на оваа проценка, се преземаат соодветни мерки, вклучително и употреба на технички средства за надзор и контрола. Но универзитетскиот професор смета дека притстапот треба да биде внимателен и со умерена сила без непотребно демонстрирање на моќ. Пивоваров потенцира дека проценката треба да укаже дали протестите ќе бидат целосно мирни и според него врз база на реалистичен пристап на надлежните институции треба да се постапи.
„Секогаш кога се најавуваат мирни протести, се врши проценка на ситуацијата – која категорија на луѓе ќе протестира, колкав ќе биде бројот на учесници и дали постои можност за инциденти. Врз основа на оваа проценка, Министерството за внатрешни работи треба да преземе соодветни мерки и дејствија, вклучително и користење технички средства. Сепак, секогаш треба да се пристапува со умерена сила за да се спречат можни инциденти, наместо секогаш да се демонстрира моќ преку распоредување специјални единици и полиција. Ваквиот пристап испраќа сигнал до јавноста за манифестација на сила, што може да создаде дополнителни тензии. Потребна е прецизна проценка и употреба на оптимални ресурси. Доколку надлежните проценат дека протестите ќе бидат целосно мирни, тогаш употребата на посебни безбедносни мерки треба да биде сведена на минимум. Сето ова мора да се темели на реалистична и објективна проценка“ изјави Пивоваров.
Универзитетскиот професор нагласуда дека во време кога целата држава жали, неопходно е властите да имаат слух за реалните потреби на граѓаните и да не демонстрираат сила, бидејќи тоа само дополнително го иритира народот. Тој истакна дека во оваа тешка ситуација, граѓаните изразуваат револт не кон одредена политичка опција, туку кон корумпираниот систем кој. Пивоваров нагласи дека протестите се одраз на болката на младите, кои ја губат довербата во институциите, а властите треба да покажат разбирање и воздржаност во своите постапки.
„Секогаш мора да се има слух за реалните потреби и за вистинската ситуација. Никогаш не треба да се демонстрира сила, без разлика кој е на власт, бидејќи тоа само го иритира народот. Особено во оваа тешка ситуација, кога цела Македонија жали и тагува, потребно е разбирање за граѓаните. Народот изразува револт кон корумпираниот систем. Протестот, според вас медиумите кои известувавте од самото место, не беше политички – младите, кои не знаат што е тоа политика, се огорчени поради корупцијата. Тие видоа дека токму корумпираниот систем не доведе до оваа трагична состојба, до толку многу загубени животи.Затоа, органите за внатрешни работи треба да покажат доблест и да не претеруваат во своите постапки“ нагласи универзитетскиот професор Пивоваров.

Владимир Пивоваров
Пивоваров оценува дека случувањата во Кочани се израз на незадоволството на граѓаните поради нефункционирањето на системот и локалната самоуправа. Тој посочи дека, според информациите во медиумите, во градот има нелегални објекти и градби со нерегуларни дозволи, што го зголемило револтот кај жителите и довело до ескалација. Тој нагласи дека во ситуации со масовни собири, важно е да се има предвид психологијата на толпата, бидејќи индивидуалното расудување често се губи, а постапките на еден поединец можат да предизвикаат ланчан ефект, што може да доведе до ескалација.
„Случувањата во Кочани претставуваат израз на револтот на граѓаните поради нефункционирањето на системот, односно локалната самоуправа. Според информациите што ги пренесуваат медиумите, таму постојат нелегални објекти и градби со нерегуларни дозволи, што, најверојатно, ги разгневило граѓаните и довело до нивна реакција во рамките на толпата. Сепак, јавниот ред и мир, како и објектите на институциите и приватните имоти, мора да се зачуваат. Законот ја обврзува полицијата да спречи можни судири и уништување на имот, но истовремено е неопходно разбирање од двете страни.Важно е да се има предвид дека психологијата на масите е посебна дисциплина во областа на безбедноста, според која, во толпата не доминира индивидуалното расудување, туку дејствувањето на поединецот, чии постапки другите ги следат. Ова може да доведе до неконтролирани ескалации, што претставува сериозен ризик во вакви ситуации“ заклучува Пивоваров.
Д.Ѓ