Час поскоро треба да ѝ се соопштат на јавноста, поконкретни податоци кои би ги поткрепиле изјавите за хибриден напад од домашни и странски центри на моќ, смета Владимир Пивоваров, поранешен универзитетски професор по безбедност и екс-шеф на македонското разузнавање по обвинувањата на премиерот Христијан Мицкоски дека позади пожарите, особено последниот во магацините во Трубарево, стојат центри на моќ од внатре и надвор од државата.
Тој во разговор за „Локално“ истакна дека во спротивно, ваквите изјави би имале само манипулативна цел за да се прикрие неспособноста односно нефункционирањето на институциите.
-Мислам дека за кусо време ќе имаме одговор дали се работи за растурање на пердуви или за сериозна закана. Впрочем, ние сме земја полноправна членка на НАТО, па по логика на нештата доколку има хибриден напад на нашата земја ќе имаме голема помош и подршка од земјите членки на НАТО. Доколку има и најмала вистина во ваквите изјави, во сериозна држава под итно претседателот на државата ќе го свика прво Советот за безбедност да расправа за вакво сериозно прашање, истакнува Пивоваров.