Повеќе од 400 собири против американскиот претседател Доналд Трамп се планирани за денеска, а организаторите повикаа 11 милиони луѓе ширум САД да учествуваат во напорите за „заштита на демократијата“.
Организаторот на протестите, групата 50501, која се залага за 50 протести во 50 сојузни држави и едно движење, се обидува да го претвори незадоволството од претседателскиот мандат на Доналд Трамп во масовно движење, објави Гардијан.
Ова се четврти протести организирани од групата по инаугурацијата на Трамп на 20 јануари, а 11 милиони луѓе се поканети да учествуваат на најновите собири, што претставува 3,5 отсто од населението на САД.
Во претходните масовни протести, на 5-ти април беа организирани 1.200 протести низ САД, под слоганот „Подалеку раце“, во спротивставување на нападот на Трамп врз владините агенции и институции, а на 17-ти февруари беа организирани протести под слоганот „Ден без кралеви“.
Портпаролот на 50501, Хедер Дан рече дека целта на денешните протести во САД е „да се заштити демократијата од подемот на авторитаризмот под администрацијата на Трамп“.
Таа ја нарече групата 50501 „продемократско и проуставно“, како и „ненасилно“ непартиско движење.
Во Вашингтон за денеска се закажани протести и пред домот на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, на територијата на морнаричката опсерваторија во Вашингтон, како и на плоштадот Лафајет.