Министерството за животна средина и просторно планирање ја информира јавноста, дека согласно Правилникот за изменување на правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција („Службен весник на РСМ“ бр. 112/23 од 31.05.2023 год.) е направена измена во членот 6 во ставот 1, и зборовите „1 јуни 2023 го- дина“ се заменуваат со зборовите „1 јуни 2024 година“.
Од тука забрана за употреба на ќеси што не ги задоволуваат стандардите пропишани со овој правилник целосно ќе биде имплементрина од 1 јуни 2024 г.
На 1 декември 2021 година започна да се применува одредбата од Законот за управување со пакување и отпад од пакување кој се однесува на пуштањето на пазар на кеси за носење на стоки и пластично пакување за еднократна употреба.
„Според законската дефиниција, „Пластични кеси за носење на стоки“ се кеси за носење, со или без рачки, изработени од пластика, кои се достапни за потрошувачите на продажните места на стоки и производи.
Се забранува пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во Република Северна Македонија.
По исклучок од ставот на овој член, со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот во Република Северна Македонија биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно со пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки.
Надоместокот кој треба да го плаќаат крајните корисници за биоразградливите кеси за носење на стоки изнесува 15 денари за парче и истиот се плаќа на трговецот на местото на продажба.
Трговецот е должен да води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси на продажното место која ја доставува до стручниот орган и вкупната сума добиена од надоместокот од продадените кеси на квартална основа ја пренесува на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина“, се пропишува во членот 10 од Законот.