Платежни картички за најсиромашните и компаниите за исплата на плати

од Берта Китинска
454 прегледи

Четвртиот економски пакет е најавен за следната недела, според досегашните информации, ќе бидат опфатени повеќе категории граѓани, ќе се помогне на најсиромашните со платежни картички, на компаниите за исплата на плати, но и ќе се поттикнува враќање на работа на отпуштените поради ковид пандемијата. Помош се очекува на секторите кои се директно поврзани со образовните процеси и згрижување деца во предучилишна возраст, а претходно не добиле.

– Четвртиот сет мерки ќе биде дефиниран до крајот на следната недела и ќе им биде понуден на сите чинители да видат за колкав финасиски пакет станува збор, а висината на помошта што ќе се понуди за граѓаните и стопанството е тесно поврзана со вториот ребаланс на Буџетот што се планира, најави вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

За сите пакети мерки за заштита од коронавирусот беа предвидени 550 милиони евра, а досега, како што рече Битиќи, до граѓаните и стопанството се слеани околу 240 милиони евра.

Од задолжувањата за коронавирусот досега се потрошени околу 70 отсто од средствата за да се подобри ликвидноста на Буџетот. Остануваат триесетина отсто кои, вели Битиќи, се уште се на располагање што ќе биде почетната основа за планирање на пакетот економски мерки.

– Во овој момент правиме и калкулации колку се потребите до крај на годината на расходната страна на сите институции и во зависност од нивните проценки ќе можеме на крај на идната недела да донесеме заклучоци на Економскиот совет во Владата колкав ќе биде целиот пакет, но секако ќе биде значително голем економски пакет. Ќе зависи од ребалансот и во зависност какви се проценките, постапките околу ребаланс ќе започнат веднаш за навреме да го преминат филтерот во законодавниот дом, рече Битиќи.

Со четвртиот пакет мерки ќе бидат опфатени најсиромашните, како што најави премиерот Зоран Заев, најверојатно со платежни картички за да се зајакне потрошувачката моќ на граѓаните, но и компаниите да даваат плати.

-Тие се најважниот таргет кон кој ќе се димензионираме, а ќе има стимулативни мерки за враќање на отпуштени работници, најави Заев во интервју за МТВ, истакнувајќи дека државата има резервирано пари за новите мерки, без притоа да доцнат пензиите, платите, социјалната помош, трансферите кон Фондот за здравство.

Ако ковид кризата потрае вели дека ќе се носат и други одлуки и оти ќе има и други задолжувања.

Претходно, претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска на средба со министерот за економија Крешник Бектеши побара итна помош за стопанството кое, како што изјави, се соочува со нарушена ликвидност. Потребно, укажа, изготвување протоколи за работа за сите дејности без исклучок, овозможување побрз проток на границите и задржување на постојните или склучување нови договори за извозно ориентираните компании и финансиски пообемна поддршка со претстојниот четврти пакет економски мерки.

Министерството за економија, како што рече Бектеши, максимално ќе излезе во пресрет на компаните и веќе се прават проценки кога да се изготви ребалансот на Буџетот со што ќе се обезбедат средства за четвртиот пакет антикризни мерки. Наредната недела се очекува да биде доставен предлог од Министерството за финансии за ребаланс на Буџетот, а целта е прераспределба на средства за финансиска поддршка на стопанството и реализирање на четвртиот антикризен пакет економски мерки кој веќе се подготвува.

Министерот Бектеши потенцира дека со распределба на средства од буџетот на Министерството за економија, но и од другите институции, може да се реализираат итни мерки доколку стопанството оцени дека за тоа има потреба. Во меѓувреме, се подготвува четвртиот пакет економски мерки кој е насочен, исто така, кон директна поддршка. За ваучерите се предвидени 12 милиони евра. До овој момент се потрошени три милиони и согласно проекциите се очекува до 15 декември да се потрошат седум или осум милиони евра.

– Ова дополнително ни дава простор заедно да креираме плус мерки, таргетирани за туризмот или други најпогодени сектори, истакна министерот.

Независната угостителска комора, пак, побара преку дијалог со надлежните институции да се носат одлуки и решенија кои ќе бидат применливи за да може да работат и да ги намалат загубите предизвикани од пандемијата. Проценките на Комората се дека годината ќе ја завршат едвај со третина од приходите, неминовна ќе биде и рационализација на вработените.

– Се настојува секој вработен да се задржи, но треба да се сфати дека економската исплатливост на бројот на вработени и начинот на кој се работи досега не е ист како во минатото. Ние не ги викаме отпуштања, туку рационализација на трошоците кои се неминовни, изјави претседателот на Независната угостителска комора Златко Јосифовски.

Според Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), сите кои останел без работа во изминатиот период по кој било основ, треба да бидат ослободени од плаќање режиски трошоци за струја и вода.Бараат и дополнителни шест месеци мораториум за кредитите за сите работници кои не се во можност да започнат со исплаќање на ратите на кредитите.

– Сакаме да потенцираме дека покрај намалените приходи на работниците, некои го изгубија работното место, на некои веќе им се заканува отказ од работното место, некои се со деца кои се дел од воспитно-образовниот процес, истите треба да изнајдат соодветни технички решенија (компјутери, лаптопи, стабилни интернет врски и др.) за да обезбедат непречено следење на образовната настава која од 1 октомври официјално ќе започне со почетокот на учебната година, a наставата ќе се следи преку интернет. Време е државата да покаже солидарност на дело, побара КСС во соопштение.

Препораката на Институтот за економски истражува Фајнанс тинк е да се води сметка за предизвиците кои значат справување со ковид кризата и во престојниот ребаланс на Буџетот да се алоцираат средства токму во тие пунктови и сектори каде е потребно да се инвестираат дополнителни средства, како и да се идентификуваат делови кои може да влијаат на развојот и да имаат поголем удел кон БДП.

– И за четвртиот сет на мерки бизнис секторот апелира дека и понатаму се потребни мерки за зачувување на работните места, но иако мерката за исплата на 14.500 денари по вработен се покажа како успешна и зачува 60.000 работни места се препорачува во новиот сет на мерки да биде многу потаргетирана и ефектите да бидат однапред пресметани и да се базираат на квантитативни податоци, изјави завчера Благица Петрески од Фајнанс тинк при учество на економски форум во Скопје.

Од следната недела се очекува реализација на бескаматната кредитна линија преку Развојната банка во вредност од 31 милион евра, финасирана од Европската Унија, која е дел од третиот сет на мерки, кој изнесуваше 355 милиони евра.

Во приоритетите на новиот економски тим на Владата, како што беше најавено вчера ќе бидат: зачувување на секое работно место, создавање развојна и одржлива економија која носи предвидливост, намалување на сиромаштијата под 16 проценти и едноцифрен број на невработеноста и економски раст од четири проценти.

Слични содржини