Платформата на граѓански организации за борба против корупција поднесе допис до претседателката Гордана Силјановска Давкова со кој бара да не го потпише указот на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, кој што вчера беше донесен во Собранието. Иако ја поздравуваат потребата од интервенција во Кривичниот законик, особено по измените од 2023 година, усвоените решенија, според Антикорупциската платформа, наместо да обезбедат правна стабилизација во преодниот период до донесување на целосно нов КЗ, создаваат дополнителна правна несигурност, и ризик од институционална конфузија и натамошно уназадување во борбата со високата корупција. Сметаат дека претседателката треба да го искористи уставното право на вето.
„Особено укажуваме на следниве прашања од суштинско значење:
– Со измените на кривичните дела за злоупотреба на службена положба и несовесно работење (членови 353 и 353-в) се предвидуваат пониски максимални казни во однос на состојбата пред 2023 година, што директно влијае врз казнената политика и врз роковите за застарување на кривичното гонење за тешки облици на корупција и злоупотреба на јавната функција.
– Заштитата на јавните средства во ставот 5 од членот 353 се сведува претежно на злоупотребите во постапките за јавни набавки, и тоа само на еден сегмент од истите, без да се обезбеди сеопфатна кривичноправна заштита од злоупотреба на средствата од државниот буџет, локалната самоуправа и јавните фондови преку други механизми.
– Кај кривичното дело несовесно работење во службата, се укинува јасната инкриминација на несовесно постапување на службени лица во органите на државната управа, што во пракса претставуваше клучна алатка за заштита на правата на граѓаните во управните постапки.
– Предложените решенија за проширената конфискација концептуално и процесно ги мешаат различните модели на конфискација, што е во судир со Законот за кривичната постапка и со меѓународните стандарди, и отвора ризик од нејасна и нееднаква примена, како и од повреди на правната сигурност и презумпцијата на невиност“, посочуваат од Платформата за борба против корупција.
Додаваат дека дополнителна загриженост претставува и фактот што измените кои се однесуваат на борбата против корупцијата се носат во ист законски пакет со одредби за усогласување со Истанбулската конвенција и зајакнување на заштитата на жените и жртвите од семејно и родово базирано насилство.
„Иако овие измени се неопходни и заслужуваат недвосмислена поддршка, нивното комбинирање со суштински и контроверзни промени во антикорупциското кривично законодавство ја отежнува стручната и јавната расправа и создава ризик важните прашања поврзани со корупцијата да не бидат соодветно разгледани во нивниот целосен опсег.
Воедно, сметаме дека начинот на донесување на овие измени, без соодветни јавни консултации и без систематско вклучување на јавните обвинители и судиите, не соодветствува на чувствителноста и значењето на материјата која се уредува.
Имајќи ја предвид Вашата академска и професионална посветеност на уставното право и владеењето на правото, веруваме дека ќе ги земете предвид овие аргументи и ќе го искористите Вашето уставно овластување да го вратите законот на повторно разгледување во Собранието. Таквиот чекор би овозможил суштинска доработка на спорните решенија и би спречил долгорочни негативни последици врз борбата против корупцијата и правната сигурност“, стои во соопштението од Антикорупциската платформа.