„ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“: Вештаците утврдиле дека не постојат уплати од Груевски

од Берта Китинска

Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Плацови на Водно”.Предмет на анализа била документацијата прибавена од Јавното обвинителство по пат на меѓународна правна помош – договори за трансфер на сопственост и банкарски сметки и парични текови на фирмата „Сирах лимитед” од Белизе.

Вештакот детално ги прикажа сите трансакции на сметката на фирмата Сирах лимитет од Белизе во периодот од 26 јули до 31 декември 2012 година. Во овој период не е регистрирана ниту една трансакција од Македонија, ниту пак имало уплати од Никола Груевски, покажа извештајот.

– Мојата констатација кај уплатите е дека парите се уплатени од повеќе правни субјекти, помеѓу кои нема правен субјект, односно уплати од резидент на Северна Македонија. Сите уплатувачи се од други земји. Во делот на исплатата, констатирав дека постои исплата на правен субјект, резидент на Северна Македонија-Сирах инжинеринг, изјави вештакот Кире Костов.

На прашање од одбраната, дали во овој период е констатирана уплата од Никола Груевски или правен субјект поврзан со тоа лице, сведокот рече дека не констатирал уплата од физичко лице Никола Груевски на сметката на оваа фирма.

– Од документите не констатирав уплата од правен субјект, резидент на Република Македонија. Сакам да појаснам дека сопственоста на фирмите не беше предмет на мое вештачење и немав доставено докази и од тие причини не можам да одговорам на делот од прашањето дали лицето Никола Груевски на било кој начин е поврзан со фирмите, изјави вештото лице Костов.

Во случајот „Плацеви на Водно“ Груевски е првообвинет и му се суди во отсуство. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79.972.140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.

Во овој случај, покрај Груевски обвинети се бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.

Слични содржини