Можеби во денешно време рачната работа која вклучува везење и плетење не е веќе толку популарна како некогаш, но тоа не значи дека таа не носи бенефити со себе.
Според британската мрежа Knit for Piece, на која се собрани најмалку 15.000 луѓе, плетењето е вистинска медитација за телото и умот и дека делува смирувачки.
Повторувачките движења и гледањето како нешто се создава од нив ослободуваат серотонин во мозокот и го одвлекуваат вниманието од физичките болки и од умствените напори. Дури 80% од оние што знаат да плетат веруваат дека оваа активност делува смирувачки врз нив.
Универзитетот во Масачусетс спровел истражување според кое процесот на плетење воспоставува правилен ритам на дишење и отчукување на срцето. Постојат дури и сведочења дека плетењето ги смирува симптомите на артритис и на хронични болки во зглобовите.