Има многу поголемо чувство на итност кога станува збор за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Со изборот на новата влада, мислам дека се отвораат нови можности. Сепак, Македонија и Грција се тие што треба да најдат решение за спорот за името, а меѓународната заедница има интерес да помогне, вели холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
На прашањето за тоа кои се приоритетите на кои треба се фокусира новата Влада, амбасадорот Пломп вели дека според него, тоа е подобрување на животот на сите граѓани во државата.
-Размислував за неизмерната радост во Македонија минатата недела кога ракометарите на Вардар станаа европски шампиони. Бев сведок на таква радост која ја обедини земјата, тоа беше радост на сите граѓани и многу би сакал граѓаните на Македонија да слават уште многу победи. Ако поконкретно ме прашувате за приоритетите на новата влада, би кажал дека пред сè тоа треба да бидат владеењето на правото, отчетноста, инклузивноста, и погенерално спроведувањето на реформите кои ќе ѝ овозможат на Македонија да влезе во Европската унија и НАТО. Можам да кажам дека за време на моите први состаноци со некои од министрите на новата влада, бев информиран дека токму овие реформи и евроатланските интеграции се на врвот на агендата на новата влада, вели тој.
Исто така тој вели дека е многу важно евроатлантските интеграции треба да биде врвен приоритет на новата влада, многу повеќе отколку во минатото, бидејќи Западниот Балкан и Македонија добија повеќе приоритет во последно време.
-Зборувајќи за евроинтегративниот процес, сметам дека е важно да се споменат две работи. Прво, сите реформи кои се потребни за прием во ЕУ не треба да се спроведат примарно заради Унијата, туку заради доброто на самите граѓани. Многу е важно да се има ова предвид. И второ, се работи за двонасочен процес. На состаноците со претставниците на владата јас често им велам: помогнете ни за и ние да ви помогнеме. Македонија има многу пријатели вклучувајќи и земји членки на ЕУ и сите ние сме многу посветени да ѝ помогнеме на Македонија на патот кон прием. И јас сум многу горд што мојата земја Холандија е ваш партнер веќе 26 години, вели меѓудругото холандскиот амбасадор во интервјуто.