Град Скопје попладнево соопшти дека ќе им додели парични награди од 10.000 денари на 194 пожарникари коишто се дел од 3 екипи што со 3 возила на Противпожарната бригада на Градот, придружувани со 3 цистерни вода, учествуваат во гаснењето на пожарите што ја зафатија РС Македонија.
-Паричните награди им се доделуваат заради нивниот вонреден ангажман во гаснењето на пожарите и вон територијата на Град Скопје, односно нивната пожртвуваност да им помогнат на жителите и на сите други учесници во гаснењето на огнената стихија што ги зафати Старо Нагоричане, Кочани и Пехчево. За да овозможи што подобри и побезбедни услови за работа на пожарникарите Градот Скопје континуирано вложува во човечкиот, но и во преостанатиот инфраструктурен потенцијал како нова, модерна и побезбедна опрема и возила за Противпожарната бригада, информираа од Градот.
Претходно градоначалникот Петре Шилегов информираше дека дел од скопските пожарникари се упатија кон беровско-пехчевскиот пожар, за да се воспостави контрола.