По 17 години во Формула 1 покажано „црно знаме“: Знаете ли за што служи?

од Vladimir Zorba
59 прегледи

Огромен хаос ја одбележа Ф1 трката во Бразил, но многу веројатно го реши и новиот шампион. Макс Верстапен даде се од себе во неверојатните услови во Интерлагос, кои ги карактеризираше силен дожд, свиоци на патеката, лизгање, жолти и црвени знамиња, но и …

Многумина останаа со голем прашалник над главите кога го видоа црното знаме, кое првпат по 17 години беше извадено на трка, а сето тоа поради Нико Хулкенберг.

Но, оние пред малите екрани добија објаснување, поточно дека Германецот е исфрлен од трката поради помошта добиена од официјалните лица од страна. Во 27-от круг од трката тој се излизга од патеката и му помогнаа официјални лица кои го свртеа неговиот болид. Мислеше да ја продолжи трката, но беше дисквалификуван и мораше да паркира.

На возачите не им е дозволено да добијат помош однадвор за да се вратат на вистинскиот пат, и бидејќи Хулкенберг беше вратен во акција, тој беше означен со црно и, следствено, дисквалификуван.

Ова ретко се случува во Ф1, особено во модерната ера, последен пат црното знаме беше развеано на трка во 2007 година кога Фелипе Маса и Џанкарло Физикела беа дисквалификувани од трката во Канада затоа што двајцата го напуштија боксот додека имаше црвено светло на семафорот.

На крајот победи Макс Верстапен иако стартуваше од 17-тото место, а бидејќи Ландо Норис заврши шести, Холанѓанецот му побегна 62 поени на три трки пред крајот на сезоната и се поизвесно е дека ќе ја освои четвртата титула по ред.

Слични содржини