Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, беше во ОУ „Коле Неделковски”, каде е поставен камен-темелник за современа доградба на училиштето, што е прв ваков зафат во ова училиште по 65 години.
Со доградбата, се проширува капацитетот на училиштето со 4 нови училници за 100 деца, со што се подобруваат просторните услови за организација на наставата.
Проектот е во вредност од околу 580.000 евра, и е целосно финансиран од Буџетот на Општина Центар.
„Не постои нешто што е поважно од потребите на децата. И затоа, ја поздравувам континуираната определба на Општина Центар да вложува во унапредувањето на условите за воспитување и образување на децата според модерни, европски и светски стандарди. Општина Центар треба да биде пример и за другите општини низ државата, за тоа што значат вистинска грижа за реалните потреби на луѓето и вложувања според современи стандарди, какви што заслужуваат и македонските граѓани, како и граѓаните во Европа, кон којашто целиме“, посочи премиерот Димитар Ковачевски кој присуствуваше на настанот.