Инспекторатот за животна средина при Град Скопје изрекол парична казна за општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски во висина од 88.000 евра поради исфрлање на отпад на јавна површина со што се загрозува животната средина и здравјето на граѓаните. Вака стои во соопштението од Кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.
Од Градот појаснувуваат дека општина Аеродром преку компанијата “Пирамид Билдинг” ангажирана на тендер, наместо на предвидената локација во ЈП “Дрисла” го исфрлала општинскиот отпад на зелена површина, во парк во близина на управната зграда на ФФМ на бул.АСНОМ со што направиле нова дива депонија.
-Рокот за подмирување на казната е 8 дена од денот на изрекувањето, во спротивно истата присилно ќе се наплати. Дополнително, против сите прекршители ќе бидат поднесени и соодветни кривични пријави, се вели во соопштението од Град скопје.
Претходно 90.000 евра казна во денарска противредност заработи и општина Кисела Вода и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Казната од Арсовска следува по истурањето на собраниот отпад од општина Кисела Вода и Аеродром лично од градоначалниците пред влезот на ЈП „Дрисла“ вечерта кога беше кризата во ѓубретот и сметот низ целиот град. Од претпријатието пред две недели не дозволија камионите со смет да влезат на депонијата, по што градоначалниците одлучија да го истурат ѓубрето пред влезот за да можат да продолжат со чистење.