По историскиот договор се огласија и од ЕУ: „Постигнат фер и избалансиран договор“

од Stefanija Kuzmanovska
243 прегледи

Конечно постигнавме договор, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, по повод постигнувањето трговски договор меѓу ЕУ и Велика Британија.

Во Брисел проценуваат дека патот до договорот бил „долг и испревртен“, но дека е постигнат „фер и избалансиран договор“.

На прес-конференција во Брисел, Фон дер Лејен истакна дека е постигнат договор за фер учество на единствениот пазар, каде што ќе се почитуваат правата и стандардите на ЕУ.

Таа додава дека соработката со Велика Британија ќе продолжи, како со „трета земја“ во сите области од заеднички интерес, како што се климатските промени, безбедноста, транспортот.

– Заедно можеме и ќе можеме да направиме многу повеќе отколку одделно – вели Фон дер Лејен.

Постигнатиот договор обезбеди пет и пол годишен период на „целосна предвидливост“ за европскиот риболов, што беше значајна точка на расправија меѓу двете страни.

По договорот меѓу делегациите на двете страни, Европската комисија ќе го потврди договорот на состанокот на комесарите.

Договорот треба да биде потврден од парламентите на ЕУ и Велика Британија.

Брисел наведува дека се обезбедени пет милијарди евра преку новиот европски буџет за помош на европските компании и на сите оние кои ќе бидат погодени од конечното одделување од Велика Британија на 31 декември 2020 година.

Слични содржини