Медицинскиот персонал кој со години работи со договор на дело во тетовската клиничка болница, решенија за трајни вработувања ќе добијат по локалните избори, изјави денеска во Тетово, министерот за здравство Азир Алиу.
Министерството вчера објави дека хонорарците имаат валидни договори за вработување на определено време до 31 декември 2025 година и дека е обезбедена е согласност од Министерството за финансии за вработувањата во Клиничка болница Тетово. Направени се тестирањата на кандидатите на 7 јули 2025 година, а постапката за вработувањата е ставена во мирување поради распишувањето на локалните избори.
– Во моментов заради законските пречки ќе треба да чекаме локалните избори, да поминат и понатаму да се продолжи уште последниот чекор во оваа постапка. Нема да завршиме тука, бидејќи анализите покажуваат дека во Тетово има потреба од над 300 вработени. Ние ќе отвориме и друга постапка се со цел да може да се намали тој гап меѓу потребите и услугите што ги нуди болницата, рече Алиу.
Според него, за 155 работни места се пријавиле 290 кандидати, па затоа по изборите ќе има и уште еден конкурс за вработување медицински персонал.