По изборот на Ислам Абази за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК), министерот за правда Никола Тупанчевски потсетува дека изборот го направиле самите обвинители на непосредни избори – модел кој би требало да ги отстрани надворешните влијанија.
„Стои тоа прашање“, вели министерот за правда Никола Тупанчески за идејата за генерален реизбор во правосудството по изборот на Ислам Абази за прв човек на ОЈО за гонење на организиран криминал.
„Стои тоа прашање како Дамолков меч, дали треба да се направи таа филтрација, ние зборувавме и за ветингот но да не заборавиме дека во нашиот систем во моментот има институции кои се занимаваат со квалитетот на работата и на обвинителите но и на судиите. Кога станува збор за надминување на состојбите во нашата држава треба да се потенцира дека не е главниот проблем во новите закони. Сепак главниот проблем треба да се лоцира во однос на капацитетите и во однос на начинот на кој се правораздава“, истакна Тупанчески.
При гостувањето во вечерашното издание на емисијата „360 степени“, првиот човек на ресорот правда кажа и дека станува збор за сериозна функција каде се постапува по комплексни предмети и дека поради тоа, на такво место, би требало да биде човек кој има сериозно искуство и капацитет да ги менаџира предметите. Тупанчески не кажа дали Абази е или не е вистинскиот човек, но додаде дека за краток временски период ќе се утврди дали е избран вистинскиот човек. Но дури и тогаш, додаде министерот, треба да се почитува волјата на обвинителите.
„Дефинитивно ова е избор на јавните обвинители. Секогаш знам холистички да гледам на нештата. Во еден изборен процес, пред се се работи за избор на јавен обвинител или за претседател или пратеник секогаш треба да се гледа пошироката слика. Тоа зборува и за избраниот, но и за субјектите кои го направиле изборот“, вели Тупанчески.
Никола Тупанчески изјави и дека лично не го познава Ислам Абази. За изјавата на заменик-министерот за правда, Агим Нухиу, кој веднаш по изборот му честиташе на Абази на социјалните мрежи, Тупанчески вели дека тоа не е официјална изјава на министерството.
„Ќе мора да кажам и да направам одредена ограда во однос на неговата изјава. Тоа не е изјава на министерството за правда, туку на заменик министер кој честиташе и морам да кажам во таа негова изјава јас го видов она што јас би го направил кој и да биде избран на тоа место, забрзување на истрагите итн. Таа флоскула и таков тип на зборови кои имаат генерално значење“, кажа Тупанчески.