Шпанската влада соопшти дека не e загриженa за она што го кажа американскиот претседател Доналд Трамп за членството на земјата во НАТО.
Трамп им предложи на европските лидери да размислат за исклучување на Мадрид, кој бавно ги зголемува воените трошоци.
Владата во Мадрид соопшти дека „останува многу смирена“ по изјавите на Доналд Трамп, во кои тој ја прекори Шпанија дека троши малку за одбрана и ја призна можноста да биде исклучена поради тоа што не ги исполнила своите обврски за воени трошоци.
Шпанските медиуми цитираа коментари на темата од владини извори, кои нагласија дека земјата е полноправна членка и останува посветена на НАТО. Кабинетот, предводен од социјалистот Педро Санчез, додаде дека Шпанија, која е во НАТО од 1982 година, ги исполнува своите цели, како и САД.
Трамп го покрена прашањето вчера со својот фински колега Александар Стуб.
„Тие немаат изговор да не го сторат тоа. Но, тоа е во ред. Можеби треба да ги исфрлат од НАТО, искрено“, рече американскиот претседател.
Американскиот претседател врши притисок врз Европејците да трошат повеќе за сопствената одбрана.
Во јуни, сите членки на НАТО се согласија да ги зголемат своите воени трошоци на 5% од бруто домашниот производ, но шпанскиот премиер Педро Санчез одби, тврдејќи дека целта е некомпатибилна со социјалната држава и неговата визија. Земјата моментално троши 2% за одбрана.