По кој основ МВР може да ги казни граѓаните, иако имаат возачки со важечки датум: „Полицијата не може да казнува за документ кој го издал надлежен државен орган ако документот е со рок на важење“

од Nikola Popovski
705 прегледи

Веста дека нема да важат возачките дозволи и сообраќајните полиси за домашна употреба, со старото уставно име Република Македонија, предизвика негативни реакции во јавноста и внесе страв кај граѓаните од можни казни. Проблемот може да се реши ако има политичка волја, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според него, потребни се измени на два закона, за лични документи и за безбедност во сообраќајот, кои ги предложи до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Барање поднесе и пратеничката група на СДСМ.

Она што го предлага, според Тошковски, е согласно сите меѓународни акти кои ги гарантираат основните човекови прави.

– Со тоа што ќе забраниме излез на македонските граѓани го кршиме основното човеково право на движење… државата ќе треба да плати надомест за штета на секој еден граѓанин, на кој ќе му оневозможи да излезе од државата, а е со валидна патна исправа од аспект на втиснат датум, со старо име. Тоа го имаме од една страна, а од друга страна, нема кршење на меѓународни договори ако се усогласат техничките рокови од Преспанскиот договор врз основа на објективните човекови и технички капацитети на Република Македонија. Во секој случај само може да ја исполниме суштината на истиот, а во никој случај да ги прекршиме техничките рокови, посочи техничкиот премиер.

Дали правно МВР може да ги казни граѓаните, иако имаат возачки дозволи со важечки датум?

„Локално“ контактираше правно лице кое има познавање на ваквите состојби. Според адвокатот Владо Бангиевски, полицијата не може да казнува за документ кој го издал надлежен државен орган, во постапка предвидена по закон и ако документот е во рок на важење.

-Нема никаква основа да се смета дека документот е неважечки ако во него нема никакви правни недостатоци кои на некој начин би го правеле незаконит. Исто така, бидејќи во јавноста проструи информација дека осигурителните компании, во случај на надомест на штета предизвикана од сообраќајна несреќа, ќе бараат регрес од штетникот, сакам да напоменал дека и тоа е без основа, затоа што не може да се смета дека нешто односно некој документ не постои (валидна и во рок возачка дозвола) – ако тој постои без никаков утврден правен недостаток! На овој начин и со вакво во иднина најавено постапување, граѓаните се ставаат, без никаква своја вина, во понеповолна положба, истакнува Бангиевски на прашања на нашата редакција.

Владо Бангиевски

Поддржува се што, во оваа ситуација, би одело во прилог на граѓанинот и во прилог на решавањето на проблемот со личните документи.

-Знаете, сега е веќе доцна, барем според мене, за било што да се поправи, освен некои работи да се поправат, бидејќи работата не била фатена со време, од страна на МВР, за да се запази рокот од Преспанскиот договор. После влегувањето во сила на Преспанскиот договор, во никој случај, МВР не смеело да издава понатаму документи со старото име на државата кои би го надминале рокот на важење, после 12. февруари 2024 година. Ние, како држава, сме знаеле за тој рок и ништо благовремено не сме превземале за да не дојде до ваква ситуација до која сме сега доведени како граѓани. Тука во прашање е и одговорноста на министерот, а секако и на испит е ставен институционалниот капацитет на државата – кога се појавуваат вакви проблеми. Конечно, мислам дека и организационо -технички не се подготвивме, како држава, соодветно да одговориме на оваа операција на замена на личните документи, критикува адвокатот.

Во однос на тоа, дали граѓанинот може да ја тужи земјата и дали има реални шанси да ја добие правната постапка, Бангиевски според искуството вели дека, секогаш кога државата е изложена на правни ситуации, каде што треба да се плаќаат големи суми на пари, на име штета или било што друго, таа наоѓала механизми да го избегне конкретното плаќањето на пари по конкретниот основ.

-Таков е примерот со повредените ученици во конфликотот од 2001 година и семејствата на убиените на пример. Една цела глава од Законот за облигациони односи беше тргната, за да повредените и семејствата на убиените не го остварат своето право на надомест на штета, кое го имаа согласно со тој закон. Кога се направија пресметки – тогаш, колку тоа ја чини државата од државниот буџет, беа изгласани измени во Законот за облигациони односи, со кои, таа глава, која предвидуваше надомест на штета за такви ситуации, биде тргната. Така мислам дека и сега ќе се постапи доколку судот почне да ги усвојува тужбените барања на граѓаните за надомест на штета. А постои и опцијата, едноставно судот таквите тужбени барања да ги одбива како неосновани од некои причини кои секогаш може да се најдат ако нешто не се сака да се направи, заклучува правното лице.

Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Но, критиките до институциите се дека иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019-та година, тие не започнаа навреме да издаваат лични документи со новото име Република Северна Македонија.

Според Преспанскиот договор, земјава се обврза на два преодни периода во однос на издадените постоечки документи и материјали – еден „технички“ и еден „политички“:

„Техничкиот“ преоден период значи дека сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но и оние кои може да се користат и надвор од државата, нивната важност треба да се обновува во согласност со новото име.

„Политичкиот“ преоден период се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба. Во текстот од Договорот се велеше дека Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со членот 1, став 3, ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.

Н.П.

Слични содржини