По најавата на Милошоски и Николоски ќе „отворал како пупка“

од Vladimir Zorba
230 прегледи

„Како дојдовте така ќе си одите! Ќе те отвориме како пупка… Се слушаме наскоро…“, напиша потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски по синоќешните објавени снимки на Јутјуб, во кои се слуша како неговиот сопартиец, Антонијо Милошоски, нарачува судски одлуки кај екс шефот на Врховниот суд, Јово Вангеловски и други судии во случај, во кој е вмешан неговиот татко.

Откако Милошоски го прашува Вангеловски дали има повеќе информации за предметот и исходот, Вангеловски го уверува дека му кажал на судијата „за кого и како е предметот“.

„Сакав да те прашам, за ова што ти споменав за тој предметот на Здружение на возачи-Кичево. Татко ми ми се јави ми кажа дека добил некоја информација сега од Врховен суд, дека е одлучено, но не баш поволно. Па, реков да те прашам, да не имаш некаква информација?“, прашува Милошоски.

Вангеловски одговара дека ќе провери оти тој предмет бил кај Николчо Николовски.

„Јас убаво му кажав и за кого е, и како е, и за кого“, додава Вангеловски.

На тоа, Милошоски бара од Вангеловски ако може да го поврзе со Николовски и да се слушнел и со него, се слуша во една од снимките.

Милошоски вчера како реакција сподели дека знаел кое е лицето кое нелегално ги поседува копиите од сите снимки од СЈО и лично ја координира селекцијата и ја нарачува нивната објава.

– Тоа е лицето З.З., оној кој лажно тврдеше дека ги предал сите снимки на СЈО и дека не поседува копии од истите. Господине З.З., со објавата на овие снимки докажавте дека без истите Вие не сте можеле да уценувате пратеници, да рекетирате стопанственици, да заплашувате сопственици на медиуми, и да бидете и обвинител, и премиер, и судија истовремено.

Изгледа силно Ве здоболе објавата на двата материјали за вашите незаконитости, кои ми беа доставени од укажувач. И во право сте, допрва ќе ве боли.

Како дојдовте, така ќе си одите!

Укажувачите ќе стануваат се побројни и се посмели, а јас уште помотивиран и во служба на јавниот интерес.

Ќе Ве отворам како пупка! Се слушаме наскоро“, напиша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Оливер Спасовски во однос на објавените „бомби“ за Антонио Милошоски рече дека се што имале СДСМ го предале на СЈО.

„Јас не ги слушнав и не знам за што се работи, само знам дека се објавени некакви материјали. Повикувам институциите да истражат, да видат кои материјали се, какви се, од каде се објавени и да преземат соодветни мерки. Институциите треба да работат ефикасно и да ги откријат тие кои ова го прават, и врз основа на тоа да преземат соодветни санкции“, изјави Спасовски.

Слични содржини