По нападот на Хамас, Нетанјаху го свика воениот кабинет: Се разговара само на една тема

од Nikola Popovski

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за вечерва ќе го свика својот воен кабинет за да разговара за најновите напори за прекин на огнот во Газа и договор за ослободување на заложниците, изјавил тамошен висок функционер за АФП.

Додека главниот фокус на Израел е да ги ослободи преостанатите заложници, Хамас инсистира на траен крај на војната што беснее од 7 октомври. Ова е барање кое Нетанјаху досега целосно го одбиваше.

Високиот израелски функционер изјавил за АФП дека воениот кабинет се очекува да се состане во Ерусалим вечерва во 21 часот (19 часот по локално време) за да „разговараат за договорот за ослободување на заложниците“.

Официјалниот претставник во саботата соопштил дека „има намера да се обноват разговорите оваа недела“, откако преговорите во кои учествуваа американски, катарски и египетски посредници беа блокирани на почетокот на мај.

Членот на политичката канцеларија на Хамас, Изат Ал-Ришк, сепак, во неделата изјавил: „Што се однесува до гласините за преговори, досега не добивме ништо од посредникот“.

Тој инсистирал на долгогодишното барање на Хамас за траен прекин на непријателствата во цела Газа како „основна и почетна точка“.

Воената влада на Израел ја сочинуваат Нетанјаху, неговиот министер за одбрана Јоав Галант и Бени Ганц, поранешниот министер за одбрана и главен ривал на Нетанјаху.

Веста за состанокот на кабинетот доаѓа по новите израелски напади врз Газа и ракетниот напад на Хамас врз Тел Авив.

Во пораката на својот канал на Телеграм во неделата, бригадите на Ал-Касам, кои се дел од Хамас, потврдиле дека ракетите биле лансирани како одговор на, како што ги нарекуваат „ционистичките масакри на цивили“. Телевизијата „Ал Акса“ на Хамас јавила дека ракетите биле истрелани од Појасот Газа.

Слични содржини