„Поддршка на процесот за реформа на правосудството” е проектот кој денеска Министерот за правда Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир го презентираа.
– Проектот понуди низа активности реализирани преку обезбедување експертска поддршка на институциите корисници, советување за стратешко и буџетско планирање за Академијата на судии и јавни обвинители, судовите и обвинителствата, обуки за управување во судовите и обвинителствата, работилници, состаноци, конференции, препораки како да се унапредат вештините за управување и како да се зголеми довербата на јавноста, истакна Маричиќ.
По примерот на земјите членки на ЕУ, во рамки на проектот беа изготвени и повеќе подзаконски акти, деловници, прирачници, упатства и насоки за извршување на функциите на Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и други правосудни институции.
На прашањето која е временската рамка на спроведување на правосудните реформи и на кој начин ќе се гарантира одржливоста на реформите доколку успеат во услови на тенко параламентално мнозинство, особено ако дојде до промена на власта во земјата, Маричиќ истакна дека временската рамка за реформите секогаш е стратегијата.
– Имавме стратегија од 2017 година што трае до крајот на оваа година и ќе имаме и наредната петгодишна рамка од 2022 година до 2027 година. Ние таа петгодишна стратегија ја имплементираме на годишно ниво и во рамките на една година се спроведуваат предвидените приоритети што се дел од законски решенија а дел се други мерки што не се врзани само за законски акти, рече министерот.