По разрешувањето на Арсовска, Ѓорѓиевски избран за нов претседател на ЗЕЛС

од Stefanija Kuzmanovska
194 прегледи

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода е новиот претседател на ЗЕЛС, одлучи мнозинството на членови на Управниот одбор на ЗЕЛС на денешната седница. Ѓорѓиевски на местото претседател на ЗЕЛС доаѓа откако од оваа функција е разрешена градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.

-Потпретседателите на ЗЕЛС, Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир и Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово, остануваат на истата позиција, а досегашната претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје продолжува со активностите во ова тело, како член на Управниот одбор. Всушност и според Статутот на ЗЕЛС, градоначалникот на Град Скопје по функција е член на Управниот одбор на ЗЕЛС, информираат денеска од ЗЕЛС.

-Денес, мнозинството на членови на Управниот одбор на ЗЕЛС, го даде својот глас и донесе одлука да ме избере за нов претседател на ЗЕЛС, заедницата што ги обединува сите 81 општина во Македонија. Пред се’, сакам да им се заблагодарам на членовите на УО на ЗЕЛС за укажаната доверба и за тоа што во мене препознаа човек кој ќе се залага за поголема стабилност на општините и нивна поголема независност во финансиска смисла. Оттука сакам да потенцирам дека во периодот што е пред нас, силно ќе се залагам за носење на квалитетни одлуки, за поголема децентрализација во духот на демократските процеси, за подеднаков развој на сите единици на локалната самоуправа без разлика на политичката припадност на нивните раководства, од што, секако, најголем бенефит ќе имаат нашите граѓани. Воедно, сакам да се заблагодарам за досегашниот ангжманот на сега веќе поранешниот Претседател на ЗЕЛС, градоначалничката Данела Арсовска-изјави Ѓорѓиевски.

Слични содржини