По разрешувањата на градските функционери, патиштата на Арсовска со ВМРО-ДПМНЕ се разидуваат?

од Берта Китинска
454 прегледи

Градоначалничката на Град Скопје , Данела Арсовска разреши двајца градски функционери кои се челнови на ВМРО-ДПМНЕ, партија која и даде поддршка на локалните избори, обвинувајќи ги за матни зделки.

Од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за „Локално“, велат дека во периодот кој следува партиските органи ќе заземат став за релацијата кон Арсовска, посочувајќи дека во самото образложение на секретарот во Град Скопје, Ѓоко Велковски е наведено дека градоначалничката има слаб капацитет за да ги реализира „приоритетите на скопјани и приоритетите кон модерно Скопје“.

-Околу разрешувањето Златко Перински ќе даде одговор за сета ситуацијата во текот на денот. За состојбите во Градот Скопје, пак, се гледа и во објавата на Велковски кој јавно нагласува за слаб капацитет на Данела Арсовска и нејзините приоритети кои се различни од приоритетите на скопјани и приоритетите кон модерно Скопје. Во периодот што следува партиските органи ќе заземат став за релацијата кон Арсовска, но одлуката и ставот се насетуваат и во ставот на Велковски. Да потсетам, Арсовска беше независен кандидат кој победи со огромна поддршка од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и самата ВМРО-ДПМНЕ, велат од партијата.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по разрешувањето на директорот на Водовод и Канализација, како и оставката на Секретарот на Град Скопје, рече дека секој проект којшто е во насока на развој на градот и натаму ќе ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ.

-Секој проект за градот Скопје, којшто е во вистинска насока, без разлика дали ќе дојде од мнозинството во Советот или од Арсовска, ќе ја има нашата поддршка. Секој проект којшто ќе оцениме дека не е во насока на добри политики за развој на Скопје, ние нема да го поддржиме, рече Мицкоски.

Во однос на соработкат и поддршката на градоначалничката Арсовска, Мицкоски додаде дека понекогаш патиштата на луѓето може и да се раздвојат.

Арсовска во петокот донела одлука да ги разреши од функциите секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски и в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински.

Како причина за нивното разрешување е наведена спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства што се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.

-Велковски, во петокот е разрешен заедно со в.д директорот на ЈП Водовод и Канализација-Скопје Златко Перински поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер, стои во соопштението на Град Скопје.

Велковски, пак, на Фејсбук, пред официјалната информација за негово разрешување напиша дека самиот одлучил да ја напушти функцијата бидејќи, како што вели, бил разочаран од работата на градоначалничката .

-Оваа моја одлука ја донесов и поради фактот што сум разочаран од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за Градот Скопје. Ветувањето кон скопјани беше модерна метропола, а резултатите да бидат брзи и сигурни. По речиси една година во Градот, можам да кажам дека таму има поединци и професионалци вработени во Градот кои со децении придонесуваат за развој на Градот и им благодарам за соработката, пожртвуваноста и нивниот придонес. Но воедно залуден е мојот и нивниот ентузијазам кога Арсовска покажува затвореност, поинакви приоритети од ветените, слаба динамика во темпото на реализација додека проблемите се наталожуваат. Во таква една ситуација развојот на Градот Скопје не е можен, иако граѓаните со право очекуваа по нејзиното стапување на функција многу повеќе, стои во Фејсбук објавата на Велковски.

Истиот ден, Арсовска го разреши и Златко Перински, в.д директорот на Јавното претпријатие Водовод и канализација поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер.
Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица.

Градоначалничката Арсовска во својот досегашен мандат има разрешено неколку директори. По инцидентите на плоштадот Скендербег, поради вмешаност на неговиот брат, Арсовска го разреши директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Зуди Енуз. Меѓу разрешените директори е и в.д. директорот на ЈП „Градски паркинг“ Филип Пасху само неколку дена по назначувањето.

Б.М.