Сопругата на екс-министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја избриша објавата на својот Фејсбук профил во која даде поддршка за уапсениот екс-министер и сопартиец на нејзиниот сопруг во ДУИ, Крешник Бектеши. Ова следуваше во исто време додека траеше погребот на починатите граѓани во Кочани.
Во својата објава, Валбона Османи имаше објавено „дека молкот не значи слабост, туку почит кон семејствата на загинатите и очекување институциите да си ја завршат работата“.
„Молчиме затоа што сочувствуваме со болката на семејствата на загинатите во Кочани. Молчиме затоа што очекуваме институциите да си ја завршат работата. Но, немојте да мислите дека нашиот молк е слабост и ќе ви дозволиме да се скриете зад невините. Затоа дејствувајте правилно и брзо, дури и трпението има граница“, напиша таа во постот што подоцна го избриша кој заврши со паролата „Со Крешник“.
Нејзината реакција е всушност репостирање на објавата на кичевскиот огранок на ДУИ која e објавена вчера и се уште стои на нивниот Фејсбук профил. Објавата на огранокот на партијата од Мала Речица е со идентична содржина.
Дел од јавноста обвинува дека сопругата на екс-министерот на овој начин разгорува етнички тензии.
Бектеши првично доби 48-часовен притвор, кој му беше продолжен бидејќи се смета за еден од осомничените кои допринеле за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.