По шест децении започна чистење на езерото „Младост“: 6 милиони денари за ревитализација

По речиси 60 години, денеска започна првата организирана акција за чистење и ревитализација на Езерото Младост кај Велес.

од desk4
14 прегледи

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, изврши увид во тековните активности и информираше дека за проектот се обезбедени вкупно 6 милиони денари.

Според најавите, во моментот се реализира фаза на механичко отстранување на сувите наслаги и трската од крајбрежниот појас на езерото. Активностите се спроведуваат во соработка меѓу АД Водостопанство и ЈПВ Лисиче, со институционална поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„За реализација на овие активности обезбедена е финансиска поддршка од 6.000.000 денари од Програмата за водостопанство. Целта е подобрување на состојбата на езерото и создавање предуслови за долгорочно одржливо користење“, соопшти Трипуновски.

Тој додаде дека ревитализацијата на езерото „Младост“ е насочена кон подобрување на квалитетот на водата, како и кон дополнување на акумулацијата со свежа вода, со што се очекува позитивен ефект врз животната средина и локалната заедница.

Надлежните најавуваат дека активностите ќе продолжат и во наредниот период, а ревитализацијата на езерото се смета за еден од позначајните зафати во областа на водостопанството во регионот.

Слични содржини