
Вмешаниот во корупциски шеми, поранешниот вицеканцелар на Австрија – Хајнц-Кристијан Штрахе, кој ги напушти сите партиски и државни функции, предизвикувајќи владина криза, може да седне во пратеничка фотелја во новиот Европски парламент.
Штрахе доби доволно преференцијални гласови за да се квалификува за пратеник, објави новинската агенција АПА. Поставен на 42-то место на листата на својата Австриска партија на слободата (АПС), само една недела по „аферата од Ибица“, тој може да помине напред благодарение на поддршката на „тврдите“ обожаватели.
Ако над пет проценти гласале токму за Штрахе, тој ќе земе еден од трите мандати на партијата во Европскиот парламент.
Според АПА, поранешниот вицепремиер веќе собрал 40.000 гласови – многу повеќе од потребните 33.000.
Не е јасно дали Штрахе ќе го прифати мандатот. Портпаролот за печат на новиот лидер на АПС, Норберт Хофер одбил да даде изјава за весникот „Курир“, откако се ограничил да каже дека „како при сите избори, мандатот е личен“.
На неговата страница на Фејсбук, Штрахе напишал дека ќе го прифати мандатот, но подоцна го избришал својот пост.