Републиканците во американскиот Сенат ги блокираа обидите на демократите да започнат дебата за мерките за борба против домашниот тероризам, додека двете партии се расправаат и за тоа кој е најдобриот начин за борба против вооруженото насилство во земјата, пренесува АП.
Претставничкиот дом, кој има мнозинство демократи, усвои предлог-закон за домашниот тероризам минатата недела, по масовното пукање во продавница во Бафало, Њујорк, каде бел тинејџер уби десет црнци, избирајќи ги своите жртви по раса.
Демократите се обидоа да започнат дебата за законот против домашниот тероризам два дена откако вооружен тинејџер уби 19 деца и двајца учители во основно училиште во Тексас. Односот на гласови беше 47-47, што е значително помалку од 60-те гласови потребни за надминување на републиканската опозиција (филибастер).
Демократите, кои со години не успеаја да го надминат републиканското противење на построгата контрола на оружјето и податоците за купувачите на оружје, сега прават нов обид за компромис со републиканците за законите за контрола на оружјето по масакрот во Тексас, по навестувањата дека некои републикански сенатори се подготвени да се откажат од своите противења.
Според „Гласот на Америка“, републиканците велат дека законот за домашен тероризам не става доволно акцент на злосторствата извршени од групи на екстремната левица.
Според законот, нови канцеларии кои се фокусираат на домашниот тероризам ќе бидат отворени во рамките на ФБИ и Секретаријатот за домашна безбедност и правда.
Демократските пратеници велат дека новите канцеларии подобро ќе ја подготват федералната влада да преземе мерки на претпазливост против домашниот тероризам. Некои републиканци веруваат дека владата веќе има овластување да ги следи таквите активности, што го прави новиот закон излишен.