По сведочењето на Манев, на ред се Видевски, Кешишев, Ѓорчевски и Палевски – продолжува судењето за убиствата на Панче и Вања

од Даниел Ѓорѓиевски
247 прегледи

Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжува судскиот процес за убиствата на 14-годишната Вања и велешанецот Панче. На минатото рочиште, обвинетиот Велибор Манев даде сведочење во кое ги посочи деталите за случајот и улогата на Љупчо Палевски, кој, според неговите тврдења, бил организатор и извршител на убиствата.

Манев истакна дека целта на групата била грабнување, а не убиство, и дека бил шокиран кога видел дека Палевски ги застрелал жртвите. Според него, било договорено да се грабне возрасна жена, но кога сфатиле дека киднапирале дете, се обиделе да го разубедат Палевски, безуспешно.

Во текот на распитот, Манев беше соочен со неколку несогласувања во неговите изјави, но тој го објасни тоа со стресната состојба во која се наоѓал. Дополнително, тој тврди дека бил изложен на тортура за време на испитувањата и најави дека поседува докази за тоа.

Според обвинението, Палевски, заедно со останатите обвинети – Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски – го организирал грабнувањето на Вања со намера да изнуди откуп. Панче, пак, бил киднапиран со цел неговото возило да биде искористено за извршување на планот.

По сведочењето на Манев, судот треба да ги сослуша останатите обвинети и сведоци, вклучувајќи го и Ѓорчевски, кој тврдеше дека не е вмешан во случајот.

Овој потресен случај, кој ја потресе јавноста во ноември минатата година, и понатаму буди многу прашања, а судењето продолжува со надеж дека правдата ќе биде задоволена.

Слични содржини