По теркот на мерката за ограничени трошења за угостителски услуги, да се бара и поголема отчетност за јавните набавки

од Vladimir Zorba
543 прегледи

Мерката за ограничување на средствата што државните функционери ги трошат на угостителски услуги ја заинтригира јавноста, но притоа собра и позитивни сигнали од страна на поголемиот број невладини организации.

Единствената нивна задршка е во однос на тоа дека, како што велат од Центарот за граѓански комуникации – „вакво нешто требало да се направи одамна“.

„Уште кога Владата најави дека ќе ги објавува трошоците за ваквите услуги, ние укажувавме дека на таа „алатка за отчетност“ ѝ недостигаат репери, односно критериуми, правила и процедури за тоа кој функционер, кога и колку смее да потроши“, изјави за „Локално“, претседателот на ЦГК, Герман Филков.

Според него, ова е само еден многу мал дел од трошењето на буџетските средства, но сепак индикатор кој зборува за личниот однос и интегритетот на функционерите, бидејќи како што посочува, треба да се има предвид дека работните ручеци се нормална работа и не треба да се очекува дека некој треба да се луксузира.

„Постојат стандарди што и колку е очекувано да се јаде на еден работен ручек или да се потроши на еден работен состанок“, вели Филков.

Сепак, како следна мерка која вистински треба да ја потврди заложбата на Владата за транспарентност тој го издвојува јавниот увид во друг вид трошоци кои се неспоредливо поголеми од угостителските.

„Поголеми напори треба да се вложат за слична ваква отчетност и за другите, многу поголеми трошења – како на пример, во јавните набавки, каде немаме на увид слични вакви документи“, заклучува Филков.

Заменик претседателот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски најави ограничување на средствата кои државните функционери ги трошат за угостителски услуги, наведувајќи ги начините како ваквата идеја ќе се спроведе во пракса. Што мислите за ваквата заложба на Владата која се очекува да биде дополнителен механизам во ограничувањето и регулирањетона трошоците на буџетските средства?

– Вакво нешто требаше да се направи одамна. Уште кога Владата најави дека ќе ги објавува трошоците за ваквите услуги што ги прават министрите, нивните заменици и другите именувани владини функционери, ние укажувавмедека на таа „алатка за отчетност“ ѝ недостигаат репери, односнокритериуми, правила и процедури за тоа кој функционер, кога и колку смее да потроши. Само така ќе постои една заедничка основа и ќе се знае дали некој потрошил повеќе или помалку, односно дали некој се однесувал домаќински и рационално со јавните пари.

Дали и каков ефект ќе има новата мерка ако се знае дека обврската за отчетност на трошењата досега не беше стриктно почитувана?

– Кога правилата се јавни и познати на сите, тогаш поголем е притисокот кон оние кои треба да ги почитуваат. Треба да се има предвид дека објавувањето на трошоците е сепак второстепена активност. Првиот чекор се трошењата и придржувањето до правилата за нив.

Дали новото ограничување на трошењата за угостителските услуги од типот 2.500 ден. за ручек со премиерот, 1.000 денари по човек за угостителски услуги со директор на институција и.т.н, ќе биде доволно за целосна контрола врз буџетските средства? Дали со оваа мерка ќе се смени сликата за транспарентност со очекуваната брзина?

– Да не заборавиме дека ова е само еден многу мал дел од трошењето на буџетските средства, но сепак индикатор кој зборува за личниот однос и интегритетот на функционерите. Транспарентноста на овој дел од трошењата ќе овозможи увид во односот на секој од опфатените функционери кон јавните пари. Каков и да е тој ручек или други поврзани трошоци, сепак треба да се има предвид дека работните ручеци се нормална работа и не треба да се очекува дека некој таму треба да се луксузира. Постојат стандарди што и колку е очекувано да се јаде на еден работен ручек или да се потроши на еден работен состанок.

Јавноста се уште памети за милионските трошења што се правеа од претходната власт во делот на ресторански услуги од типот на коњско месо, бизон на жар…Гледате ли позитивна промена во однесувањето на денешните функционери кон јавните пари?

– Транспарентноста на дел од трошењата е несомнено подобрена, но за да видиме подолгорочна позитивна промена прво треба да ги видиме трошењата и како ова ќе функционира. Всушност, сметам дека на оние функционери кои имаат правилен однос кон јавните пари не им е ни потребна ваква алатка за да ги трошат парите рационално и одговорно. Што се однесува до општините, таму допрва треба да видиме вакви чекори. Секоја општина е приказна сама за себе и затоа очекувам тие самите, преку нивната
заедница да иницираат слични вакви алатки за отчетност.

Имате ли чувство дека се менува или ќе се смени сликата за транспарентност, дека некој од функционрите се засрами за својата нескромност и раскалашеност во трошењето јавни пари? Што се е потребно за да се убеди јавноста дека ќе се отсранат сите злоупотреби?

– Имаше неколку случаи на функционери кои трошеле јавни пари на нерационален начин и за купување стоки кои со ништо не можат да се поврзат дека биле неопходни за извршување на јавната функција. Дел од нив објаснија зошто го сториле тоа, другите едноставно не одговорија на тој „јавен срам“ на којшто беа изложени, бидејќи сето тоа остана само на јавното објавување без преземање на некои корективни мерки. Оваа алатка може да помогне – да се знае кој, колку, кога и за што може да потроши јавни пари, што никако не значи и дека мора да ги потроши тие пари.

Какви се проблеми можат да произлезат во реализацијата и примената на новата владина одлука, особено затоа што се предвидува за секој состанок да се приложи резервација, да се поднесе извештај, колку луѓе биле, каде, што јаделе, и најважното дека тој што ќе го надмине лимитот, ќе надокнади од свој џеб?

– Сиве овие документи што ги споменувате и онака постојат или треба да постојат како придружна документација за ваков вид трошоци за сметководствени и ревизорски цели во секоја една институција. Не сум сигурен дека со јавното објавување на сите овие пооделни документи секому ќе му стане јасно сè околу тие трошења. Толку документи, на крајот, повторно можат да внесат забуна и да не може лесно да се сфати суштината. Сепак, овој вид трошоци се неспоредливо пониски од оние другите, за кои пак ни оддалеку немаме, ниту се објавуваат толку многу документи за потврда и проверка на оправданоста на трошокот. Оттука сметам дека поголеми напори треба да се вложат за слична ваква отчетност и за другите, многу поголеми, трошења – како на пример, во јавните набавки, каде немаме на увид слични вакви документи.

К.В.С.

Слични содржини