Од 1 декември стартува забраната за употреба на пластични кеси во трговијата и на пластични амбалажи во угостителските објекти во подрачјата заштитени со закон. Дозволена ќе биде само продажба на биоразградливи кеси кои ќе бидат екстра лесни и за кои ќе се плаќа надоместок од 15 денари, кој во поголем дел ќе оди во Фонд за заштита на животната средина. Владата најави нови закони од областа на управување со отпад, извести министерот за животна средина, Насер Нуредини.
„Идејата е да се намали употребата на пластика. Оние средства што ќе се создаваат од тие 15 денари при секое купување на кесе ќе одат во фонд со кој ќе се инвестира во животната средина, исто така ќе се инвестираат во свесноста на нашите граѓани, како да го третираме отпадот во нашата држава. Идеологијата е дека загадувачот ќе плати“, истакна Насер Нуредини.
За заштита на животната средина, но и за усогласување кон европското законодавство Владата преку неколку закони ќе се справува со отпадот. Целта е и постепено да се премине кон циркуларната економија, каде преку рециклирање на отпадот се добива готов производ. Инаку од почетокот на јули во земјите членки на Унијата стапија на сила забраните за употреба на пластични производи за еднократна употреба. До сега, во целост се применува во само 8 од 27 те членки, каде сламките за пиење, пластичните шољи,чинии, прибори за јадење, кесите за пакување храна, чепкалките за уши, не исклучени од продажба. Во употреба остануваат пластичните ПЕТ шишиња.